Тече рокот на тендерот за избор на изведувач и надзор за реконструкција на универзалната сала. Тендерот ќе трае до 26-ти септември, а од почетокот на октомври ќе започне реконструкцијата. Таа ќе се врши според проектот на архитектонското биро Мегарон инженеринг што беше прифатен и од претходната власт.
Но како што кажа проектант Бујар Муча на денешниот брифинг, проектот претрпел измени во делот на сценската техника, ќе има нова акустика, ќе се менуваат секундарни елементи од опожарената конструкција, а висината на децибелите на звукот ќе се прилагоди на европските стандарди.
“Најмногу менувавме во новитетите во сценска техника, како што ви кажав претходно а менувавме нешто од конструкцијата заради несреќата што се случи пожарот минатата година и менувавме исто го кажав, акустиката којашто всушност буката што ја ствара универзална сала кога работи, затоа што во меѓувреме се изгради сериозен дел и моравме уште еднаш да направиме ревизија на таа акустика”, изјави Бујар Муча, проектант на реконструкцијата на Универзална сала.
Заради почитување на колективната меморија, објектот ќе ја задржи постојната форма и габарит. При реконструкцијата ќе се користат современи материјали за ентериерот и екстериерот со што ќе се постигне енергетска ефикасност. Бројот на седишта што ќе бидат мобилни е намален од 1500 на 1200 со цел седењето да биде поудобно и да се запази безбедносниот аспект. Сцената ќе има перформанси за помали претстави, но и за кино проекции, а на рефлекторите ќе има лед светилки.
„Ова не е само објект, ова е инвестиција во културата. Ова е идентитетот на иднината на Скопје и универзална сала ќе биде симболот на модерно Скопје, симбол на креативност, заеднич и ќе биде достапен за сите граѓани”, рече Зоран Љутков, министер за култура и туризам.
Се очекува реконструкцијата да заврши до крајот на 2027 година, а веќе следната да послужи за потребите на Скопје – Европска престолнина на културата во 2028. За реконструкцијата и претходната и актуелната влада одобриле околу 20 милиони евра.
Сотир Трајков
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.
