Вести Култура Македонија

По вторпат Уставниот суд треба да го преиспитува Колективниот договор за култура

Поднесена е иницијатива до Уставниот суд за преиспитување на уставноста на Колективниот договор за култура. Според претставката, спорен е целиот договор, но и некои од членови. Од Синдикатот за култура велат дека само можат да претпостават кој стои зад претставката по турбулентната пролет кога се бореа за зголемување на платите на вработените во културата со министерствата за култура и финансии и добиваа закани дека ќе им биде укинат Колективниот договор за култура зашто бил неуставен. А, од Уставен со одговор дека ги испитуваат податоците и известувањата, потребни за донесување одлука.

Синдикатот за култура чека одговор од Уставниот суд по поднесена иницијатива во август, за преиспитување на уставноста на Колективниот договор за култура. Во претставката, во целост се спори Колективниот договор и неговите членови 53, 66, 127 и 128. Претставката е потпишана од адвокатот Томислав Стефков , но не се знае кој стои зад неа, велат од СКРМ. По турбулентната пролет кога Синдикатот се бореше со ресорите Култура и Финансии и протестираше вработените да добијат повисоки плати, согласно Колективниот договор за култура, Општиот колективен договор и според законот, од таму сега велат дека може да претпостават од каде доаѓа иницијативата.

„Ако ги врземе разговорите што се случуваа во изминатиот период, заканите што доаѓаа до нас како Синдикат и желбата по секоја цена овој Колективен договор да се прогласи за незаконски и неуставен , може да претпоставиме од каде доаѓаат“, изјави Вера Атанасовска- претседател на Синдикат за култура на Македонија.

Според иницијативата , членот 53 од Колективниот договор, што се однесува на платено отсуство за стручно усовршување на вработените, е спротивен на Законот за работни односи со тоа што се дадени 3 години отсуство.

Според Атанасовска , со договорот се унапредуваат одредени права и има клаузула со која вработениот по усовршувањето 3 години треба да остане на работа во институцијата. Членот 66 со кој се уредуваат платите на административните службеници, е спорен зашто не бил во согласност со Законот за административни службеници , иако во законот и Уставот стои дека платите се уредуваат со закон и со колективен договор, вели претседателката на СКРМ.

Оспорените членови 127 и 128 се однесуваат на склучувањето и регистрирањето на Колективниот договор во Министерството за социјална политика. Атанасовска не знае што е спорно зашто, како што вели, Колективниот договор е регистриран во ресорот Социјална политика на крајот на 2019 , кога е склучен. Во претставката стои и дека Колективниот договор за култура нема согласност од Министерството за финансии. Но , Атанасовска кажа дека имаат одлука од Уставниот суд со која е укината потребата од таква согласност.

„Знаеме дека во 2024 година од Правилникот за регистрација на колективни договори е изваден тој член , каде што треба согласност од Министерството за финансии.
Од Уставниот суд велат дека се испитуваат податоците и известувањата што се потребни за донесување одлука по иницијативата. А, во оваа фаза одлуката не може да се преудицира зашто судиите ќе гласаат за неа на седница“, изјави Вера Атанасовска, претседател на СКРМ.

За прв пат до Уставниот суд беше поднесена претставка во 2021 година за членот 66 од Колективниот договор за култура. Тогаш судот ја отфрли како неоснована.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Променливо облачно и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер – Временска прогноза за 6.6.2026

meteo

Зеленски го повика Путин на директни разговори за крај на војната – дојди слободно во Москва, одговори Кремљ

Igor Trajkov

(Видео)Мицкоски задоволен од средбата со Мерц на вториот ден од Самитот ЕУ–Западен Балкан

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе