Народната банка информира дека поевтинуваат секојдневните електронски плаќања за граѓаните и за компаниите.
Надоместоците за трансакции преку Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС) се намалени во просек за 50% за граѓаните, а интерните електронски плаќања во рамки на иста банка стануваат бесплатни во најголем дел од банките.
Компаниите, исто така, добиваат значително олеснување: електронските плаќања преку МИПС се поевтини за околу 30%, додека интерните трансакции се намалени за околу 55%.
Од НБРМ известуваат дека сега банките преминуваат кон фиксни и однапред познати надоместоци, кои не зависат од износот на плаќањето. Додаваат дека дел од банките веќе ги применуваат новите тарифи, а останатите ќе ги воведат најдоцна до октомври.
Овие промени се дел од стратегијата на Народната банка за дигитализација и поголема достапност на платните услуги.
Со намалените надоместоци се очекува зголемена употреба на електронски плаќања, подобра доверба во финансискиот систем и посилна поддршка за современото банкарство.
