Демонстрантите во Непал во вторникот ги запалија владините згради и резиденциите на врвните политички лидери, додека протестите против краткотрајната забрана на социјалните медиуми прераснаа во масовни и насилни немири.
Синга Дарбар, седиштето на непалската влада е во пламен, додека толпи луѓе танцуваа и пееја на улиците околу комплексот. Десетици илјади демонстранти останаа на улиците до доцна во денот, блокирајќи патишта, упаѓајќи во институции и палејќи ги, а во некои случаи и напаѓајќи политички лидери. Воени хеликоптери евакуираа дел од министрите на безбедни локации.
Еден ден претходно, демонстрации предводени од млади луѓе – гневни поради блокирањето на неколку социјални медиуми – го зафатија главниот град Катманду. Полицијата тогаш отвори оган врз толпата и уби 19 лица, што дополнително ја разгневи јавноста.
Иако забраната беше укината во вторник, протестите продолжија, поттикнати од гневот поради смртните случаи, како и од растечката фрустрација кон политичката елита на хималајската земја, заглавена меѓу Кина и Индија.
Со зголемувањето на тензиите, премиерот Кадга Прасад Оли објави дека поднесува оставка. Претседателот ја прифати неговата одлука и го назначи да ја води привремената влада сè додека не се формира нова – иако не е јасно какви овластувања ќе има или дури каде ќе биде сместен.
Оставката сепак не ги смири демонстрантите. Илјадници луѓе останаа на улиците, продолжувајќи со блокади и насилни акции против институциите. Армијата издаде соопштение во кое повика на смиреност и политички дијалог, без да даде дополнителни детали.
Протестите, наречени „генерациски бунт на Gen Z“, ги предводат главно тинејџери и млади возрасни. Тие претставуваат реакција на владините обиди за регулирање на интернетот преку нов закон, со кој од социјалните мрежи се бара да се регистрираат и да се придржуваат до локални прописи. Критичарите предупредуваат дека таквите мерки претставуваат алатка за цензура и ограничување на слободата на изразување.
Во исто време, протестите ја открија и подлабоката недоверба кон политичарите, обвинети за корупција, непотизам и оддалеченост од реалните проблеми на граѓаните.
