Инфлацијата благо намалена, но се уште висока. Статистика објави – трошоците за живот во август годинава, во однос на август лани скокнале за 4,4 отсто. Цените на мало пак за 4, 1 процент.

Од бројките на статистичарите, може да се види дека храната и пијалоците за една година поскапеле за над 6 отсто. Најголем раст се забележува кај овошјето, но се зголемиле цените и на лебот, маслото, шеќерот, зеленчукот, месото.

Според, познавачите и во август цените на храната, услугите, транспортот, остануваат двигатели на инфлацијата. Бараат веднаш да почне да се работи на зголемување на домашното производство и конкуренцијата нешто за што постојано се зборува.
-Што да се направи пред се треба да се фокусираме на неколку сектори, зголемување на домашното производство на храна и тука мора да се погрижиме, намалување на увозната зависност, од зголемување на конкуренцијата, на храна исто така конкуренцијата, воопшто во трговијата треба да се зголеми и да се подобри бизнис климата. Понатаму треба да се намалат манипулациите, да се зајакнат инспекциските служби, да си ја одработи својата работи Комисијата за заштита од конкуренцијата, вели за Телма универзитетскиот професор Борче Треновски
За синдикатите намалувањето на инфлацијата во август е незначително. Велат дека во ниту еден сегмент нема намалување на цените. Не се согласуваат со тоа дека растот на платите и пензиите е причина за скок на инфлацијата, нешто што го констатираа и од владата, но и дел од експертите. Повторно побараа да се зголемат примањата и тоа веднаш, во спротивно одливот на кадар ќе продолжи, нема да ги вратиме ниту оние кои заминале на сезона работа.
-Секојдневните цени кои што ги пратиле по маркетите за да ја пресметаме кошничката не се во ниеден сегмент намалени. Ниту, основните продукти, ниту останатите продукти ниту аранжманите, ниту цената на квадратот, кирии, енергенси и така натаму. Не можат да се вадат на грбот на работниците и граѓаните со 500, 1000 денари зголемување на плата дека вивнува инфлацијата во државава, а од друга страна тие работат за плати колку шест просечни плати на еден македонски работник, вели Иван Пешевски од Сојузот на синдикати на Македонија.
Претходно од Владата неколку пати најавија дека ќе се делува на скапотијата, но за сега нема ништо од тоа. Се чекаше да се види и јулската инфлација која се искачи до 4, 8 отсто. Но, и по оваа бројка не се презеде нешто. Премиерот Мицкоски пак кажа дека ќе се носат потребни мерки кои на краток рок може би ќе бидат болни за граѓаните, но на долг рок ќе ја зауздаат инфлацијата.
Очекувањата на Владата пак се крајот на годинава да се заврши со стапка на инфлација од 2, 8 проценти.
Ирена Чачкова
