Гори фабриката за кандирани производи и вафли Макпрогрес Винчини во Виница. Пожарот избувна во 18 часот и 40 минути во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката. На терен веднаш излегоа екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари.
Телма беше на лице место кога се разгоровуваа пламените јазици во објектот, од каде се слушаа и експлозии. Според првичните информации од надлежните и вработените кои биле на своите работни место, во моментот кога избувнал пожарот нема повредени лица, од она што можевме да го видиме на лице место некои од нив имаат вдишано повеќе чад. Над фабриката се шири црн чад, кој е видлив и за жителите од кочанскиот регион. Сопствениците на околните објекти во индустрсиката зона во Виница стравуваат да не се прошири огнот.
-Јас дојдов пред десетина минути, а сигурно пред половина час избувнал пожарот. Го слушнав противпожарното возило како доаѓа од Виница и тргнав. Има некакви препарати затоа се слуша и некакво пукање, веројатно има опрема, матерјалите или по лимовите може да се движат и пожарникарите, по покривите, изјави за Телма Перо Стојмировски жител на Виница.
Пожарот го гасната и пожарникари од Виница, Кочани, Штип. Телма додека беше на лице место пристигнаа пожарникарите од Кочани, од ЦУК информираат дека се дадени и насоки на градоначалникот на Општина Виница.
До градоначалникот на Виница е дадена насока да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини. Веќе се вклучени ТППЕ Кочани и ДПД Кочани со сите свои капацитети и ресурси, а поддршка е побарана и од Општина Македонска Каменица и Штип. Доколку биде потребно, ќе се ангажираат сили и од други општини. Со оглед на тоа дека станува збор за специфичен урбан пожар, неопходно е ангажирање исклучиво на професионални пожарникари , вели Мухамед Али директор на ЦУК.
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека нема повредени во пожарот. Инаку пожарот направи голема штетата на фирмата „Макпрогрес Винчини“, која е и најголемиот стопански објект во оваа општина. Основана е пред 35 години, а денес претставува еден од водечките производители во кондиторско-пекарската индустрија во Македонија со пласман на своите производи во преку 45 држави во светот (75% од производството е наменето за извоз).
Викторија Јованова
