Хеликоптери и „ер трактори“ го гасат пожарот кој вчеравечер избувна во густата борова шума на Беровското езеро а тимовите на „Македонски шуми“, пожарникари и локалното население го држат периметарот и не дозволуваат тој да се прошири и да излезе од контрола.
Пожарот за кој постојат силни сомневања дека е подметнат, бидејќи избувна вчера вечер околу 19 часот кога температурата беше под 20 степени, брзо се раширил бидејќи станува збор за густа шума. Локалните пожарникари и население, полицијата и триесетина припадници на „Македонски шуми“ веднаш пристигнале на теренот и некаде околу полноќ ширењето на огнот било запрено а пожарот бил ставен под контрола.
-Во текот на целата ноќ имавме таму луѓе кои што дежураа и следеа да не се случи нешто непредвидено. За да рано утрово кога ги појачавме екипите повторно се утврди дека пожарот е под контрола, изјави Кире Михаилов, заменик директор на ЈП „Национални шуми“
Меѓутоа околу пладне почнал силен ветер кој ја влошил ситуацијата особено во внатрешниот дел и поради ризикот од приземен да се прошири и качи по стеблата од ДЗС било побарана поддршка од воздух и пратени се речиси сите расположливи летала.
-Би апелирал до граѓаните да бидат многу внимателни и оние кои што ќе бидат на прошетка овие денови и оние кои што ќе одат по викендици, да не палат оган на отворено, затоа што се уште температурите се релативно високи и би можело да дојде до нешто нескано, прачува Михаилов.
На територијата на државата има уште четири активни пожари, кај кумановско Никуштак и кон Свети Николе, како кај прилпеско Дебреште.
Во последните три месеци на територијата на државата избија неколку стотини пожари, голем дел на непристапен терен, во кои изгореа стотици хектари шума. Според министерот Панче Тошковски полицијата има приведено четириесетина осомничени за подметнување на пожар и против поголемиот дел од нив веќе се поднесени кривични пријави за предизвикување на општа опасност.
Огнен Чанчаревиќ
