Голем пожар избувна на депонијата Вардариште и предизвика прекин на струја во општината Аеродром, населбата Ново Лисиче, Методија Андонов Ченто, индустриска зона, Кванташки пазар, Арачиново, Стајковци, Трубарево, Бунарџик и делови од општината Центар.
Повеќе од два часа жителите на овие места се без струја. Поради сериозноста на пожарот исклучени се далноводите кои ги снабдуваат со електрична енергија овие места.
Екипите на Електродистрибуција се на терен, заедно со противпожарните служби.
„Поради дефект на 110кВ трафостаница „Аеродром” моментално поголем дел од корисниците од Аеродром и Ново Лисиче, како и дел од корисниците од централното градско подрачје, се соочуваат со прекин во снабдувањето со електрична енергија“ информираат од ЕВН.
Од центарот за управување со кризи потврдуваат дека се работи за пожар кој ја има зафатено поголем дел од депонијата во Вардариште во општината Гази Баба. На терен се 23 пожарникари со 8 противпожарни возила.
Поради обемот на пожарот и опасноста да се прошири надвор од депонијата како помош на БППЗ Скопје се испратени еден БТР, еден хермелин и еден тим на ДЗС. Далноводите ќе бидат пуштени по санирањето на пожарот.
Ова не е прв случај на пожар на депонијата „Вардариште“ кадешто е зафатен далновод. Претходно пожар на имаше во јуни и јули предизвика прекин на електричната енергија поради оштетување на далноводите , а истиот случај беше и минатата година.
Теа Димковска
(Видео)Пожарот на Вардариште можна причина за прекинот на струја во Аеродром и Ново Лисиче
