Вести Македонија Најважни

Костадиновски ќе му пише на Гаши откако Собранието го пропушти рокот да ги коригира спорните измени на Кривичниот законик 

Следната недела ќе минат две години од спорните измени на Кривичниот законик (КЗ), но и покрај најавите дека ќе бидат вратени високите казни, сѐ уште се во сила ниските санкции за коруптивните дела против функционерите, како што е злоупотребата на службената положба.

Уставниот суд го чекаше Собранието, а законодавниот дом ја чека Владата. Рокот од шест месеци, што Уставен му го даде на Собранието да ги коригира спорните измени, истече пред две недели, а предлог измени нема.

На потег е Уставен кој, откако поведе постапка во февруари, сега може да ги укине или поништи законските измени. Сепак, и по истекоит на рокот, Судот прво ќе му даде уште една шанса на Собранието да даде одговор.

„Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски е во комуникација со претседателот на Собранието, Африм Гаши и писмено ќе се обрати до Собранието за да добие официјална информација во врска со определениот рок од шест месеци и насоките за усогласување на законот, дадени од Уставниот суд. Врз основа на одговорот од Собранието, Судот ќе ги преземе понатамошните чекори за постапување во овој предмет“, велат од Уставен.

Од законодавниот дом за Телма велат дека сѐ уште не добиле иницијатиува за измени на КЗ. Работната група кој била формирана да постапи по решението на Уставен ги испратила материјалите во Владата.

„Работната група во Собранието ја заврши својата работа и ги достави предлозите до Владата. Во моментов, понатамошната постапка е во надлежност на работната група во рамки на Владата. Имавме најави дека се наоѓаат во завршна фаза, но досега предлог-измените сè уште не се доставени до Собранието“, велат од законодавниот дом.

Од Владата, пак, упатуваат кон Министерството за правда и кон новиот Кривичен законик, чиј рок за носење, според реформска агенда, е декември 2025.

„Од страна на Министерството за правда е формирана работна група која работи на нов Предлог на Кривичниот законик. Во тек е постапката, се остваруваат работни средби со сите засегнати страни и процесот на изработка е во тек. Владата останува посветена на усогласување на Кривичниот законик со европските и меѓународните стандарди“, велат од владата.

Во Министерството за правда, каде уште на почетокот на годината најавија кратко законско решение со кое ќе се отстранат штетните последици од измените на Кривичниот законик донесени во 2023 година, денеска велат дека со МВР работат на доусогласување околу одредени прашања, вклучително и кривичното дело „Безобѕирно управување со моторно возило“, кое е поврзано со измените за Сејф сити,  по што измените ќе влезат во владина процедура.

Кога тоа би се случило, дали повисоките казни ги чекаат да минат изборите, засега никој не прецизира.

Измени на Кривичниот законик од септември 2023 резултираа со пропаѓање на десетици предмети од организиран криминал, меѓу кои и дел од предметите на СЈО за функционерите, кои застареа поради новите ниски казни. Меѓу нив и „Таргет“ за прислушувањето, „Траекторија“ за кинеските автопати, „ТНТ“ за уривањето на „Космос“ и многу други.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Над 17.000 хектари изгорено земјиште во големите шумски пожари во Франција

Sasko Dimovski

Почина американскиот сенатор Линдзи Греам

Sasko Dimovski

ЕУ воведува нови правила за патници во авионскиот сообраќај – денеска ќе се одобрат, во сила ќе стапат во 2027 година

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе