Вести Македонија Најважни

Нема реагенси за анализи за тумор маркери на Клиниката за онкологија

Веќе некое време онколошките пациенти се соочуваат со нов проблем – на Клиниката за онкологија не можат да ги направат потребните анализи за тумор маркери. Се работи за испитувања кои се клучни во следењето на терапијата и во контролата на болеста, а нивното отсуство предизвикува голема неизвесност кај пациентите, кои за овој проблем се пожалија во нашата редакција. Утринава на Клиниката затекнавме голем број пациенти кои доаѓаат редовно на терапија и зад камерите го потврдија овој проблем.

Онколошките пациенти немаат можност анализите за тумор маркери да ги прават на Клиниката за онкологија. Се жалат дека поради недостиг на реагенси на Клиниката, испитувањата треба да ги прават приватно и да платат високи суми за тоа.

Директорот на Клиниката, Игор Стојковски, потврдува дека реагенси навистина нема, но додава дека тендерската постапка за набавка е во жалбена фаза. Тој вели дека пациентите може да бидат пренасочени во биохемиски лаборатории со кои Фондот има договор.

„Тендерот за реагенсите за дел од туморските маркери е во жалбена постапка. Пациентите можат со интерклинички упати да бидат упатени во лабораторијата на УК за клиничка биохемија или во други биохемиски лаборатории кои имаат договор со ФЗО и ја даваат оваа услуга“, соопшти Игор Стојковски, директор на Клиника за радиотерапија и онкологија.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски пак вели дека испитувањата може да се прават и во други лаборатории.

„Дел од директорите на Клинички центар практикуваат да ги препраќаат пациентите за лабораторија преку матичните лекари бидејќи они на тоа гледаат како заштеда на нивниот буџет. Ама нас како Фонд ни е сеедно дали ќе ја платиме лабораторијата издадена преку матичен лекар или на Клиничка биохемија. За жал имаме информации од неколку клиники дека ги упатуваат пациентите преку матичен лекар да ги направат анализите“, изјави Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување.

Од здружението „Хема Онко“ велат дека и до нив стигнале поплаки од пациенти, кои биле препраќани во биохемиски лаборатории за да ги направат анализите.

Ова не е првпат онколошките пациенти да се соочуваат со недостиг на Клиниката. Во изминатиот период повеќепати немаше ни терапија, а најчесто оправдување беше дека се доцни со тендерските постапки за набавка.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

СДСМ: Владината реконструкција е театар на Мицкоски, нема напред со стара влада во нова амбалажа

Sasko Dimovski

(Видео) Вози скутер на вода, се спушта низ тобоган, се шета на плажа – Маѓар со порака по продолжен викенд во Турција: Се платив сам

Sasko Dimovski

Камионет со свадбари удрен од два камиона во Индонезија – загинаа 13 луѓе

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе