И Македонската асоцијација за рударство ќе подготви пакет забелешки за новиот Закон за рударство чиј предлог е достапен на електронскиот национален регистар за прописи (ЕНЕР).
Претседателот Диме Пероски за Телма изјави дека неколку компании-членки на асоцијацијата веќе ги испратиле своите забелешки, а овие денови се очекува да пристигнат и останатите по што ќе имаат заеднички состанок и ќе се состави листата во законскиот рок овозможен за тоа.
Членките на Асоцијацијата ги разгледувале и еколошките стандарди што ги пропишува новиот закон и сметаат дека веќе се приближуваат до Европските стандарди.
Активистите од друга страна се плашат дека законот остава простор за манипулација и заобиколување на процедурите, доколку некој проект или рудник Владата го прогласи за стратешки.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини известуваат дека се засилува контролата и од формирањето на министерството до денес се одземени вкупно 45 концесии.
На 34 од нив договорот за концесија им бил еднострано раскинат поради непочитување на законските одредби, неплаќање на концесииите или непочитување на мерките за заштита на животната средина, а 11 се раскинати бидејќи им истекол рокот за концесија. Министерството подготвува и регистар на одземени концесии што ќе се објави јавно за поголема транспарентност.
Сузана Мицева
