Се огласи приватната болница „Аџибадем Систина“ по изјава на кардиологот Сашко Кедев кој во гостување на Канал 77, рече дека во приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел да се стекне поголем профит.
- Овие тврдења се неосновани, го нарушуваат угледот на нашата реномирана установа и на нашите доктори, и непотребно внесуваат страв кај постоечките и идните пациенти, стои во реакцијата на „Аџибадем Систина“.
Од таму ја уверуваат јавноста дека наводите за наводни непотребни хируршки интервенции во една приватна болница, наводно врз основа на профит, се целосно неточни и не може да се однесуваат на „Аџибадем Систина“, затоа што нема основа.
- Бидејќи во изјавата, д-р Кедев, посочува една приватна болница, притоа не споменувајќи за која станува збор, бараме точно да се изјасни за која приватна болница се однесува неговата изјава. Во спротивно ќе преземеме соодветни правни чекори и ќе поднесеме тужба поради клевета и нарушување на углед, се вели во соопштението од приватната болница „Аџибадем Систина“.
Кој профитира на штета на здравјето на пациентите?! – Министерството за здравство ќе ги проверува тврдењата на кардиологоот Сашко Кедев дека приватни болници правеле непотребни операции на отворено срце само за да земат државни пари. Министрерството најави итни, вонредни надзори.
- „Врз основа на информациите што се споделени во јавноста, министерството за здравство веќе се координира за проверка на тврдењата, како и спроведување на итни и вонредни надзори со цел добивање на целосната слика. Здравствениот систем се заснова на доверба и затоа секоја јавна комуникација треба да биде одмерена и заснована на проверливи информации, без шпекулации и без поистоветување на поединечни случаи со целиот систем. Секако дека секој има право на свое мислење, а посебно ако тоа е поткрепено со аргументирани факти, но исто така сметаме дека потребно е да се избегнуваат изјави кои водат до генерализации и сензационализам“, соопштија од министерството за здравство.
Пред четири дена, Кедев обвини дека приватни болници го ставаат профитот пред здравјето на пациентите. Вршеле непотребни операции на срце, ризикувајќи животи. Во емисијата „Стадион“ на Канал 77, Кедев кажа дека за ваквите тврдења има и докази.
- „Ние во моментот се соочуваме со нешто застрашувачко, а тоа се тие непотребни интервенции кои се профит ориентирани. Имаме пролиферација на приватни болници на кои интересот им е профитот. Тоа се лесно докажливи работи, имаме докази дека одредени центри треба да се затворат од медицински аспект. Да се случува тоа во САД или Англија, тоа ќе биде под клуч. Оперирале без потреба, сечеле граден кош без потреба, за тоа имаме докази. Тоа треба релевантните институции да преземат нешто, здравство, Фондот. Зборуваме за многу сериозни етички проблеми, поврзани со профит“, посочи Кедев.
