Граѓаните од сабота 23 август до 11 септември на полноќ ќе можат да извршат увид и да направат промени во Избирачкиот список.
Од Државната изборна комисија информираат дека граѓаните во овој период можат да побараат запишување, дополнување или бришење на податоците во изводите на Избирачкиот список. Тоа можат да го направат писмено до подрачното одделение на ДИК или месната канцеларија на подрачјето на живеење, или по електронска пошта до ДИК.
Државната изборна комисија е должна во рок од 24 часа од приемот на барањето или пријавата на граѓаните да донесе решение. Доколку барањето биде одбиено, граѓанинот има право во рок од 24 часа од приемот на решението по електронски пат да поднесе тужба до Управниот суд.
Управниот суд е должен да одлучи по тужбата во рок од 24 часа, а одлуката веднаш му ја доставува на тужителот електронски. Правосилното решение на Управниот суд донесено по ваква постапка за запишување, промена или бришење на податоци станува составен дел на Избирачкиот список кој го потпишува ДИК.
Политичките партии можат најдоцна до 11 септември да побараат доставување на Избирачкиот список, а ДИК е должна во рок од три дена да им го предаде. Во следните пет дена партиите имаат право да поднесуваат барања за запишување, дополнување или бришење на податоци.
Министерството за внатрешни работи, најдоцна еден ден по завршувањето на јавниот увид на 12 септември, до ДИК доставува листа на државјани кои од денот на распишувањето на изборите до денот на завршувањето на увидот поднеле барање за издавање нова лична карта или патна исправа, како и список на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. Овие лица ДИК по службена должност ги впишува во Избирачкиот список.
Министерството за социјална политика, демографија и млади, најдоцна 30 дена пред изборите, до ДИК доставува податоци за лицата кои се пријавиле за гласање во установи за вонсемејно згрижување.
Истовремено, Основните судови испраќаат податоци за лицата на кои им е целосно или делумно одземена деловната способност со правосилна одлука, како и за оние за кои е изречена мерка притвор. ДИК го заклучува Избирачкиот список со сите извршени промени најдоцна до 26 септември, а заклучениот список се потпишува најдоцна до 3 октомври.
