Независните се прегрупираат додека течат роковите. Правилникот на Државната изборна комисија овозможува со два потписи да се дојде до кандидатура на локалните избори, а дел од непартиските кандидати веќе потврдуваат дека ќе го искористат тој механизам.
„Независни за Карпош“ се откажуваат од идејата да бидат дел од политички субјект или партија, велат дека ресурсите ќе ги користат рационално, па затоа ќе се кандидираат со собрани два потписи од избирачи.
Наспроти ова, од „Шанса за Центар“ уште вчера потврдија дека продолжуваат со собирањето потписи за формирање на партија, затоа што веќе не сакаат неизвесност во „пет до дванаесет“, а Правилникот на ДИК ќе важи само за овие избори.
Од „Зелен Хуман Град“ исто така се децидни дека продолжуваат да го одат патот до формирање на политички субјект и така да се кандидираат на локалните избори. Стравуваат од институционални пресврти и оспорување на нивните мандати, поради формулацијата на ДИК која не е втемелена во ниту едно законско решение.
„За жал, секоја друга опција вклучително и таа со измената на Роковникот на ДИК, за нас не обезбедува правна сигурност бидејќи таа измена со само два потписа ставање во Роковникот е донесена произволно. Тоа никаде во закон не е формулирано како такво и може ден пред избори да се повлече тој Роковник или кога и да било во текот на изборниот процес – па ние да останеме едноставно без можност да одиме на локалните избори“, вели Драгана Велковска од „Зелен Хуман Град“.
Претходно, пратениците од мнозинството во Собранието предложија прагот на потребни потписи од запишаните избирачи, наместо 1 отсто, да биде 0,95 отсто. Па и тој праг се намали на 0,5 отсто преку амандман на Комисија во обид да се донесе законот, но ниту тоа не беше доволно.
Потоа, ДИК донесе Правилник и Упатство, откако пропаднаa измените на Изборниот законик. За градоначалникот на Кисела Вода и иден кандидат за градоначалник на Град Скопје, можноста со два потписи да се дојде до кандидатура е добро за едно демократско општество, а првиот вицепремиер Меџити е на став дека тоа нема да му наштети на изборниот процес.
„Добро е во демократско општество секој да има шанса, јас искрено не гледам ете причина за паника барем кај мене. Секој треба да има права и можности да биде биран, исто како што има можност да бира. Не гледам нешто спорно околу тоа“, вели Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Општина Кисела Вода.
Независните сега продолжуваат со своето делување. Вчера, Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ објави дека ќе се кандидира за Битола.
Денеска, Миран Митревски објави дека како независен ќе трча за Општина Македонска Каменица.
Има и општини како Штип, каде што засега најавите се дека избирачкото ливче ќе изгледа класично, со претставници на политичките партии кои и досега биле дел од понудата на избори.
Петар Догов
