Два дена во скопскиот Кривичен суд се одложуваат речиси сите рочишта на предмети каде што е изречен притвор бидејќи притворениците не се спроведени од затворот во Шутка.
Од судот реагираат и бараат затворската управа да го реши проблемот додека од затворот пак велат дека со тие луѓе и возила кои им се на располагање го вадат максимумот.
Од кривичниот суд денес со јавна рекација и писмо до директорот на „Затвор Скопје“ Бобан Утковски во кое објаснуваат дека постапката во притворските предмети не смее да се одолговлекува бидејќи со тоа се продолжува и мерката притвор а меѓу одложените рочишта се и предмети кои ги води Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Денес е одложено рочиште на кое присуствувале 12 обвинети со нивните бранители но не и обвинетите кои се во притвор.
- „Судењата закажани за вчерашниот и денешниот ден се откажани токму од причина што Вашата институција не ги спроведе обвинетите на судења, а мерката притвор е определена заради обезбедување на нивно присуство. Верувам дека за истото имате разумно оправдување, но потенцирам дека Вашата институција е сервис на судот и Вие постоите од единствена причина да го обезбедите присуството на обвинетите кои што треба да бидат изведени пред суд. Очекувам без оглед на причините ваквата состојба да не се повтори“, соопштија од Кривичниот суд Скопје.
Од затворот пак со одговор дека кубурат со кадар и со возила и дека вчера и денес имале спроводи и во други градови.
- Со оглед на бројот на возила и намалениот број на вработени Затвор Скопје постапува и ќе постапува согласно своите можности и капацитети со оглед на тоа што покрај кривичниот суд во Скопје врши спровод до сите судови и обвинителства на територијата на целата држава- велата од КПУ Затвор Скопје.
Според информациите на Телма дупките во кадар се пополнувани со службеници од затворите во Куманово и Штип кои помагаат при спроводите но и кај стражарската служба.
Оглас со отворени 35 работни места во затворската полиција, кои донекаде би ја пополниле дупката, беше објавен на почетокот на август но е стопиран бидејќи се распишаа локалните избори и нема да може да биде ефектуиран се до завршување на изборниот процес односно најрано до средината на ноември.
Огнен Чанчаревиќ
