Подготвени сме за трилатерална средба и Украина ќе направи сѐ што може за да пронајдеме дипломатски начин за завршување на војната, порача украинскиот претседател Володимир Зеленски на средбата со Доналд Трамп во Белата куќа.
Мора да ја запреме оваа војна, да ја запреме Русија и потребна ни е поддршка, и американска и од европските партнери. Ние ќе направиме сѐ што можеме. Докажавме дека сме силен народ и ја поддржавме идејата на САД, на претседателот Трамп лично, да запре оваа војна и пронаоѓање дипломатски пат за нејзино завршување. Подготвени сме за трилатерална средба, како што рече претседателот, и мислам дека тоа е многу добар сигнал, рече зеленски.
Без малку шест месеци откако беше искаран и посрамотен во Овалната соба, Зеленски овој пат пристигна подготвен, почитувајќи ја неопходната доза ласкање која американскиот претседател ја обожава. Зеленски беше подготвен и за неминовното потсетување на таа речиси кобна за Украина средба во Овалната соба на 28 фебруари годинава.
Запрашан за безбедносните гаранции, кои се од клучна важност за Украина и Европа, Трамп рече дека работат на постигнување долгорочен мир, а во неговото одржување ќе бидат вклучени сите.
Ќе работиме со Украина, ќе работиме со сите, ќе се осигуриме дека ако има мир, тој ќе биде долгорочен, многу долгорочен. Не зборуваме за две годишен мир за потоа повторно да се најдеме во овој неред. Ќе се осигуриме се да биде добро, ќе работиме со Русија, ќе работиме со Украина и ќе се осигуриме дека ќе успее, рече американскиот претседател.
Како поддршка за Зеленски, овој пат во Вашингтон пристигнаа повеќе европски лидери. Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот премиер Кир Стармер, Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, финскиот претседател Александар Стуб и италијанската премиерка Џорџа Мелони, која од доаѓањето на администрацијата на Трамп макотрпно работеше за нормализирање на нејзините односи со Европа.
Мислам дека ова е важен ден. По три и половина години во кои Русија не покажуваше знаци на дијалог и бараше од Киев да капитулира, денеска конечно имаме трошка надеж за дијалог, изјави италијанската премиерка.
Средбите во Вашингтон доаѓаат по самитот на Трамп со рускиот претседател Путин минатата недела, по кој се чини дека американскиот претседател уште еднаш го омекна неговиот став кон Москва, предизвикувајќи загриженост кај Европа дека притисокот повторно ќе го насочи врз Зеленски.
Суштината на американската позиција за тоа што е потребно за да се заврши војната комплетно се смени. Таа е сосема недоследна во поглед на тоа. Каква гаранција, какво уверување може да добие, Украина или Европа, дека безбедносните гаранции, дури и да бидат понудени, всушност ќе бидат исполнети ако се појави потреба, освен тоа што Трамп, уште еднаш ќе најде изговор да не му се спротивстави на Путин, критикуваше најџел гулд дејвис од меѓународниот институт за стратешки студии.
Неколкуте месечни дипломатски напори, пред се на САД, не вродија со плод. А трите рунди директни преговори меѓу руските и украинските делегации, освен што договорија неколку размени на воени заробеници, не ги приближија двете земји до примирје.
Пристапот на Трамп кон овие преговори кој не беше сосема доследен, започна со заобиколување на едната завојувана страна и нејзините сојузници, кои имаат легитимни забелешки за руските воени апетити на Стариот континент, ги натера европските земји да ги надминат своите разлики и пред него да презентираат единствен став.
За разлика од почетокот на овој процес, Трамп и неговата администрација сега се потрудија да покажат дека се подготвени да работат со сите за да се стави крај на војната, и постигне одржлив мир не само во Украина, туку и на Стариот континент.
Игор Трајков
