Пренатрупани избирачки ливчиња, конфузија и забуни кај гласачите. Од ова стравуваат независните иницијативи и тврдат дека нема да запрат во собирањето потписи за формирање партии.
Од „Шанса за Центар“ се децидни дека веќе не сакаат неизвесност во „пет до дванаесет“, а Правилникот ќе важи само за овие избори. Државната изборна комисија одлучи дека само два потписи од избирачи им се потребни на независните, за кандидатура на изборите.
„Со два потписи ако може да се кандидира било кој, дополнително што едно исто лице може да се потпише за кандидатура на повеќе независни групи – тоа ќе создаде навистина од ливчиња да добиеме некакви избирачки тетратки. Второ, се плашиме дека е можна забуна да се направи, намерно да се создаде конфузија кај гласачите. Проблем е тоа што нема никакви измени во редоследот на избирачкото ливче туку како што досега била праксата, во елитата горе стојат политичките партии, а сѐ друго добива некои броеви што треба да ги пронајде секој гласач на избирачкото ливче“, вели Јана Белчева – Андреевска од „Шанса за Центар“.
Државната изборна комисија вчеравечер донесе Правилник и Упатство, еден ден откако во Собранието пропаднаa измените на Изборниот законик со кои требаше да се регулира прашањето. Решението на комисијата е за да не се попречи изборниот процес, велат оттаму.
„Врз основа на член 63, став 3, собирањето потписи на постапката за кандидирање согласно одредбите на Изборниот законик започнува на десеттиот ден од денот на распишување на изборите и трае петнаесет дена“, кажа Александар Даштевски, член на ДИК, на вчерашната седница.
„Констатирам дека точката број 5, Правилникот за собирањето на потписи за група избирачи е изгласан и усвоен со шест гласа за и еден против“, кажа Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија.
Во саботата, пратениците од мнозинството во Собранието предложија прагот на потребни потписи од запишаните избирачи, наместо 1 отсто, да биде 0,95 отсто. Па и тој праг се намали на 0,5 отсто преку амандман на Комисија во обид да се донесе законот, но ниту тоа не беше доволно.
А, денеска стигна реакција од ВМРО-ДПМНЕ, за Правилникот на ДИК.
„Докажавме дека на нас нѝ е важен процесот, а не процентот. Ние сепак ќе ја почитуваме одлуката, ќе се соочиме со тоа да бидат потребни два потписи за составување на независна кандидатура согласно старото законско решение и одлуката на Државната изборна комисија“, вели Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, независните кандидати продолжуваат со своето делување. Денеска, Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“ и актуелна претседателка на Советот на Општина Битола, објави дека како независна ќе се кандидира за градоначалничка на Битола.
Дополнително, нова вест поврзана со локалната изборна трка е што ДПА на Мендух Тачи нема да учествува во неа. Лидерот на партијата изборите ги нарече „маскарада“, а по седницата на партиското раководство објави дека се откажува од трката по гласови на есен.
Европскиот фронт, пак, се ребрендира и на локалните избори ќе настапи под логото „Национална алијанса за интеграција“.
Петар Догов
