Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Вашингтон, каде денеска го очекува густ распоред на состаноци во Белата куќа со претседателот на САД, Доналд Трамп и европските лидери. Во објава на Телеграм, тој порача дека сите подеднакво сакаат брз и сигурен крај на војната, додавајќи дека мирот мора да биде траен.
„Не како пред многу години, кога Украина беше присилена да се одрече од Крим и делови во Донбас, а Путин едноставно го искористи тоа како отскочна даска за нови напади. Или кога на Украина во 1994 година ѝ беа дадени „сигурносни гаранции кои не функционираа“, напиша Зеленски.
Зеленски истакна дека Украина не требаше да се откаже од Крим во 2014 година, како што „Украинците не се откажаа од Киев, од Одеса или од Харков по 2022 година“. Според него, украинските сили моментно напредуваат во областите Доњецк и во Суми.
„Ќе ја заштитиме Украина, ефикасно ќе ја загарантираме нејзината безбедност, а нашиот народ засекогаш ќе биде благодарен на претседателот Трамп, на сите во Америка и на секој партнер за поддршката и непроценливата помош. Русија мора да ја запре оваа војна што ја започна. И се надевам дека нашата заедничка сила со Америка, со нашите европски пријатели, ќе ја присилат Русија да постигне вистински мир“, порача Зеленски.
