На 24 часа пред самитот во Енкориџ американскиот претседател Доналд Трамп се обиде да ги заузда очекувањата од него. Иако оцени дека средбата со Путин ќе биде важен настан, уште поважен ќе биде евентуалниот втор самит на кој ќе учествува и Зеленски. Американскиот претседател уште еднаш повтори дека веќе во првите неколку минути ќе процени дали состанокот ќе има добар или лош исход.
Ќе дознаеме какви се позициите на сите, уште во првите 2, 3, 4, 5 минути ќе оценам, како и секогаш, дали ќе имаме добар или лош состанок. Ако е лош ќе заврши многу бргу, а ако е добар ќе добиеме мир, во прилично блиска иднина, рече Трамп.
Претходно и рускиот претседател се осрвна на утрешниот самит, намерно давајќи не толку конкретна изјава за да има поголем простор за интерпретација, посветувајќи и доволно внимание во неа да вметне одредена доза ласкање на американскиот претседател.
Сакам и да ви кажам за тоа до каде сме во односите со актуелната американска администрација, која како што сите знаат, прави, според мене, навистина енергични и искрени напори да ги запре непријателствата, да и стави крај на кризата и да постигне договори кои се од интерес за сите страни во конфликтот, со цел да создаде долгорочни услови за мир меѓу нашите земји, како во Европа, така и во целиот свет, ако постигнеме договори во областа за контрола на стратешките офанзивни оружја во наредната фаза, изјави путин.
Колку и да се обидува руската пропаганда да ги релативизира заканите од Трамп дека Русија ќе сноси сериозни последици доколку не се согласи на примирје во Украина, сепак тие имаа одредено влијание, кое конечно го принуди Путин директно да се вклучи, посочуваат западните експерти.
Примарната цел на Путин е да ги спречи санкциите, и поради тоа е подготвен да се сретне со Трамп. Не може да предвиди дали Трамп ќе воведе навистина тешки санкции, како секундарни санкции кон други држави кои купуваат нафта и гас од Русија. Тоа би било катастрофално за Русија, како што беше исклучувањето на сите руски банки од меѓународните финансиски трансакции, и Русија не може да си го дозволи тоа. Тоа го загрижува Путин, оцени германскиот политички аналитичар карло масала.
Од стапувањето на функцијата во јануари годинава Доналд Трамп и неговата администрација вршат огромен притисок за завршување на војната во Украина, но трите рунди мировни преговори кои се одржаа во овој период воопшто не ги приближија двете страни.
Иако и Украина и Русија инсистираат дека сакаат мир, и двете имаат барања за негово постигнување кои другата страна категорично ги одбива.
Игор Трајков
