Триесетина минути траеше борбата со огнот за да се спаси базата на тимовите кои го гасат пожарот во Јасен. Ветрот ненадејно го смени правецот и високите огнени пламени се доближија на само неколку метри до местото викано Кулата каде се наоѓа базата од каде оперираат армиските и полициските специјалци, тимовите на „Национални шуми“ и на Јасен и пожарникарите од Скопје и Македонски Брод и каде се паркирани адаптираните возила и цистерни.
Сите го бранеа периметарот, дел го пробиваа патот за цревата низ густата вегетација а другите ги маневрираа возилата за да може да има што е поголем насочен млаз. Полицискиот хеликоптер имаше неколку исклучително прецизни налети.
Екипите во Јасен веќе петти ден се борат на два фронта, да го задржат огнот кој од дното на кањонот се движи кон патот во Јасен и да го локализираат вториот крак кој е над патот, но со послаб интензитет.
Тука се спуштаат „волците и ренџерите“ бидејќи овде мора некој да е специјалец, обичен човек не може да пуштиме. Теренот е екстремно стрмен и на моменти е вертикален бидејќи е карпа. Овој појас го спасивме, постојано велам да спасиме парче шума ако веќе не можеме да го изгаснеме. Бидејќи и сами видовте каква е стената долу. Овде долу не смее да дејствува хеликоптер, ниту авион бидејќи видливост нема, вели Стојанче Ангелов, раководител на Кризен Штаб.
Непристапниот терен и густиот чад се двете најголеми пречки во гаснењето на пожарот.
Овде хеликоптер не смее да лета, ниту ер трактор многу е лошо и чадот е опасен, не е безбедно. Можат од 100-200 метри да фрлат вода но нема да има никаков ефект, вели Ангелов.
Теренот на кој армиските специјалци дејствуваат за да го задржат пожарот под патот низ Јасен е опасен исто колку што е и огнот.
Ова е место каде ноќеска изби пожар. Длабоко во кањонот Матка над пештерата Врело, на неколку километри од браната Света Петка. Надлежните се сомневаат дека и овој е еден во низата подметнати. Огнот почнува веднаш до патот кој води кон браната и потоа се шири на ридот каде има средна вегетација со листопадни дрва.
Мислам дека е намерно запален. Пожарот почнал да се движи нагоре. Најверојатно ветерот кој почнал да дува во обратна насока го стопирал. Но овде имаме горење на постелката, на лисјата на хумусот под дрвјата и чадот се гледа оддалеку. Ако сега ова не го изгаснеме ќе стане огромен пожар. Погледнете ја шумата нагоре. Потоа со денови ќе гори и ќе уништи многу шума, вели Стојанче Ангелов, раководител на Кризниот Штаб.
Полицискиот хеликоптер со два налети го стави под контрола и потоа скопските пожарникари го локализираа.
Покрај пожарот во Јасен, активни се уште седум на територијата на државата а пожарите во струшко кај Октиси и кај Јажинце на северната граница надлежните ги издвојуваат како сериозен ризик и приоритетни за ставање под контрола и гаснење.
Огнен Чанчаревиќ
