Во судница беа прикажани снимки од продажбата на тајни полициски документи за што е обвинет Ангел Самараков, кој во времe на апсењето беше припадник на обезбедувањето на премиерот Мицкоски. На нив се слушаат гласови и цена, но не се гледа ликот на обвинетиот полицаец. Одбраната приговараше на снимките како докази на кои се гледа и куп со документи со полициска ознака кои биле изработени од колешка на обвинетиот. Инспекторката денеска сведочеше како сведок на одбраната, додека клучниот сведок на обвинителството, поранешниот осуденик Благоја Коруновски повторно не дојде бидејќи јавил дека е на операција на срце во Србија.
Клучниот сведок на обвинителството Благоја Коруновски не дојде во судница, а обвинителката Ивана Трајчевска рече дека ја известил дека е на операција на срце во Србија. Требаше да сведочи како и зошто, од Ангел Самараков, обвинетиот поранешен припадник на обезбедувањето на премиерот, ги купувал тајните полициски документи.
Обвинителството продолжи со претставување на своите материјални докази и прикажа 6 видео снимки. На две снимки се гледаа документи од велешката полиција од службени белешки потпишани од колешка на Самараков.
На други две снимки се гледаше сведокот Коруновски во автомобил како разговара и снима полициски белешки и со друго лице разговара за сумата која може да се побара од некого. Според речникот, жртвата на уцената преку социјални мрежи за 50.000 евра требало да биде жена.
ВИДЕО СНИМКА – ДОКАЗ НА ОБВИНИТЕЛСТВО
ПРВ ГЛАС: Да и го доловиш. Ова е дело по член 206. Не го поднела. Се и било дотерано само требало да поднесе пријава.
ВТОР ГЛАС, СВЕДОК: Ова ги има само кај тебе.
ПРВ ГЛАС: Да.
ВТОР ГЛАС, СВЕДОК: Оригинали се.
ПРВ ГЛАС: Да, оригинали се. Ова се службени белешки.
ВТОР ГЛАС, СВЕДОК: Не бе брат доволно е ова.
ПРВ ГЛАС: Друго?
ВТОР ГЛАС, СВЕДОК: Ништо. Колку може да биде цифрата?
ПРВ ГЛАС: 50-че. Брат, јас искрено би се задоволил со 25, ама 25 да и ги земеме.
Одбраната приговараше дека не е кажано кога снимките се креирани и дека не се гледа ликот на обвинетиот, а не може да се претпостави кој што кажува. Но обвинителството реагираше дека контекстот ќе се знае и по исказот на клучниот сведок, Коруновски.
Одбраната меѓу своите сведоци, како сведок ја повика и сослуша единствената жена од полицајците колеги на обвинетиот Самараков, чие име стои на полициските белешки прикажани на видео доказите на обвинителството. Потврди дека не зборува со обвинетиот по настанот, порано имале само колегијални односи со Самараков, клучниот сведок Коруновски не го знаeла до три дена по настанот на крајот на март и дека пет години работела во велешката полиција.
Миомир Серафиновиќ
