Кој Ве повика? Вакво прашање денеска добиле во полициската станица во Демир Хисар адвокатот Жаре Стевановски и директорката на демирхисарската гимназија, Маја Лозановска, која се јави на информативен разговор по завршување на боледувањето.
По претресот во нејзиниот дом на 8 август, ноќта, кога полицијата ги бараше печатите од училиштето, началникот на ОВР Демир Хисар инсистираше таа да биде пренесена на носилки на сослушување, а сега полицијата се прашува зошто самата се јавила во станица иако била повикана телефонски.
- Застрашувачки за мене како адвокат е тоа што денес, покрај овој разговор, ни доставија и покана повторно утре да се јавиме на информативен разговор во полициската станица. Поканата ја примивме иако и телефонското повикување на информативен разговор претставува официјална покана, вели Жаре Стевановски, адвокат.
Лозановска поднесе кривична пријава за самовластие за упадот во училиштето, а полицијата пак попладнево му поднесе прекршочна глоба на нејзиниот син затоа што денес бил присутен во училишната зграда без одобрение од в.д. директорката Јасмина Дамчевска, назначена од градоначалникот.
Адвокатот Жаре Стевановски најави жалба на казната, бидејќи, како што рече, во Централниот регистар се уште како директорка е заведена Лозановска, а не Дамчевска.
-Ме изненадија во полициската станица кога ми рекоа дека сум одбила да го примам решението за разрешување. Наводно, тоа било објавено на огласна табла, но тоа решение мора да ми биде доставено лично. Јавно изјавувам дека немам примено решение за разрешување, вели Маја Лозановска, директорка на СОУ „Крсте Петков Мисирков“ во Демир Хисар.
Во меѓувреме, Јасмина Дамчевска тврди дека таа е в.д. директорка на гимназијата во Демир Хисар.
-По добивање на решението од страна на градоначалникот за назначување на в.д. директор на училиштето, поради отсуство на печатите во училиштето, немав можност да се пријавам во Централниот регистар, изјави Јасмина Дамчевска, в.д. директорка.
И градоначалникот на Демир Хисар, Никола Најдовски, вели дека постапката за директорската смена е законска, но дека не можеле да ја најдат Лозановска за да ѝ достават решение.
-Печатите на училиштето не се ничија приватна сопственост за да ги криеме или носиме дома. Јасмина е новата директорка со решение од градоначалникот, на кого не му се одземени ингеренциите, изјави Никола Најдовски, градоначалник на Демир Хисар.
Лозановска денеска дојде во училиштето и, откако констатираше дека директорската канцеларија е обиена, повика полиција. Кажа дека печатите кои полицијата ги бараше при претресот ги оставила во безбеден сеф во канцеларијата.
-Поднесена е кривична пријава дека Маја Лозановска ги злоупотребила печатите. Да одиме до местото каде што се печатите, за да ги видите, рече адвокатот Стевановски.
– За тоа се води постапка во полиција и таму побарајте информации, рече Дамчевска.
Додека новинарските екипи на ТВ Телма и „Сакам да кажам“ го следеа настанот во гимназијата во Демир Хисар, беа легитимирани од полициските службеници, иако носеа легитимација на видливо место. Им беа побарани и лична карта, а запишана беше и регистрацијата на возилото. На забелешката од новинарите дека ова е притисок врз нивната работа, полицијата кажа дека тие за нив се непознати лица.
Емилија Мисирлиевски
