Вести Македонија Најважни

До крајот на неделава, ДИК ќе прецизира Упатство заради поднесување независни кандидатури

Станува сè поизвесно дека измените на Изборниот законик нема да бидат донесени за една недела, кога истекуваат роковите. Прашањето како да се кандидираат независните листи треба да биде решено до крајот на неделава. Како што сега стојат работите, ќе може да се кандидира кој било без собирање потписи.

Нејаснотиите за учеството на независните настана, откако Уставниот суд пред два месеца ги укина членовите од Изборниот законик со кој се предвидува колку потписи треба да соберат за да се кандидираат. Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Вреди предложија измени на Изборниот законик со кои меѓу другото се регулира и тоа прашање, но тие заглавија во Собранието, зашто ДУИ не ги поддржува, а без нив нема бадентерово мнозинство за донесување.

Во ДИК велат дека независните во овој случај ќе може слободно да се кандидираат, и го укина Правилникот за собирање потписи. Независните, пак, се плашат дека Собранието ќе ги изигра во последен момент, со автентично толкување на законот, па почнаа да собираат потписи за формирање на партии за да може да учествуваат на изборите.

Премиерот Христијан Мицкоски вели Државната изборна комисија е таа што треба да каже на кој начин се поднесуваат кандидатурите.

„Сега, во овој случај, одлуката е кај Државната изборна комисија. Има механизам и тие може тоа да го донесат во својот правилник. Ќе си донесат нов правилник. Тоа прашање како би изгледал новиот ќе го поставите во ДИК, но бидејќи сега го ставија стариот вон сила, тие согласно законските надлежности носат нов, така што ништо не е доведено под прашање“, изјави премиерот Мицкоски.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко вели дека Правилникот е укинат зашто законот сега не предвидува собирање потписи и оти ДИК тоа го применува.

„Со цел ДИК да овозможи директна примена на член 60 од законот, на првата наредна седница, уште во текот на оваа недела ќе изврши прецизирање на соодветното Упатство за поднесување на кандидатски листи. Ова Упатство се однесува за сите учесници на избори, за партии, коалиции, група избирачи и така натаму, сите имаат еднаков третман и еднакви законски услови кои треба да ги исполнат“, вели Кондарко.

Во март 2024, Собранието донесе измени на изборниот законик со кои се зголеми прагот за учество на независни кандидати на изборите на 1 отсто од регистрираните гласачи. Според тие измени, наместо 350 потписи за учество на изборите во скопските општини, се бараа двојно повеќе потписи, а за Град Скопје, наместо дотогашните 1000 се бараа 4600 потписи. На локалните избори во 2021 година, на пример со помалку од 4500 гласови се стануваше Советник во Град Скопје, а се бараат повеќе од тоа само за учество. Партија на пример се регистрира со 1000 потписи и може да учествува на сите избори. Уставниот суд во мај ги укина овие измени како дискриминаторски. Сега не постои ограничување.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон претнеиците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Дејан Дејан

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе