Првиот и вториот фаворит на мастерс тенискиот турнир во Торонто нема да играат финале. Карен Хачанов и Бен Шелтон во полуфиналните мечеви ги изненадија главните носители за титулата.
Хачанов успеа да спаси меч топка и да го победи првиот носител Александер Зверев со 6-3, 4-6 и 7-6 за да стигне до своето второ мастерс финале во кариерата, а прво уште од 2018 година. Пред седум години тој успеа да го победи Новак Ѓоковиќ во финалето на турнирот во Париз.
Сега за својата втора титула на турнирите од серијата 1.000 ќе се соочи со Бен Шелтон. Американецот го изненади својот сонародник и втор носител на турнирот, Тејлор Фриц со 6-4 и 6-3. За Шелтон тоа ќе биде прво мастерс финале во кариерата и ако го победи Хачанов ќе се искачи на 6.место на АТП-листата од понеделник.
На мастерсот во Монтреал во женска конкуренција за титулата ќе се борат поранешната тенисерка број 1 во светот Наоми Осака и најголемото изненадување на турнирот Викторија Мбоко.
Осака се пласираше во нејзиното прво мастерс финале уште од 2022 година откако ја победи Клара Таусон со 6-2 и 7-6. Јапонката во финалето ќе се соочи со тинејџерката Мбоко, која утринава ја победи поранешната шампионка на Вимблдон Елена Рибакина.
Канаѓанката, која има само 18 години победи со пресврт, односно се врати откако го загуби првиот сет со 1-6, па следните два ги освои со 7-5 и 7-6 за да дојде до своето прво мастерс финале во кариерата.
