Вести Македонија Најважни

Сиљановска-Давкова: Натпреварот не е битка до смрт, туку витешка борба до заслужена победа

Неспортски е да се злоупотребува спортскиот терен за „вежбање“ говор на омраза, навредување и сатанизација со отровни убиствени зборови – проектили! По толку изгубени човечки битки на спортските терени, мора да кажаме јасно и гласно: Никогаш повеќе, каде и да сме, со кого и да се натпреваруваме, нема да дозволиме спортскиот терен да прерасне во гладијаторска навивачка арена, порачува претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по скандирањата на кошаркарскиот натпревар Македонија – Романија.

Во објава на Фејсбук, претседателката наведува дека со право не стигнуваат реакциите за инцидентот на натпреварот.

– И… заради нашата, по кој знае кој пат, спортска неписменост, со право не стивнуваат реакциите на ужасниот инцидент на кошаркарскиот натпревар во Куманово, на којшто, неколкумина недоветни навивачи пукаа со куршуми на омраза на нашите сограѓани Албанци, ама нè погодија сите, па и себеси и, пак, сме засрамени, вели претседателката. 

Давкова посочува дека не сме ја научиле лекцијата по натпреварот Шкендија и велшкиот шампион ТНС одржан во средината на јули.

– Во средината на јули, на мечот меѓу Шкендија и велшкиот шампион ТНС, со расистичките навреди на фудбалерот Арманд Оте, го шокиравме сиот спортски, но и поширок свет којшто со право запраша: Како е можно да се случи недоветен навивач емоционално да скрши врвен фудбалер до солзи, посегајќи по говор на омраза врз расна основа? Срамот падна на сите: на домаќинот, на клубот, на присутните, на градот, на државата, на спортот! Логичниот заклучок беше: „Не смее да се толерира ваквото однесување на ниту еден стадион, во ниту еден спорт, никогаш и никаде“, наведува Сиљановска-Давкова.

Потсетува дека првата лекција како се навива се учи дома, а потоа и во образовните институции и на натпреварот.

– Можеби за почеток, пред секој натпревар, треба да се упати предупредувачка порака до гледачите да ги исклучат лошите мисли и пораки, како што тоа го прават со мобилните телефони, оти натпреварот не е битка до смрт, туку витешка борба до заслужена победа, дека од публиката се очекува бодрење, поддршка и охрабрување, а не навредување и повредување, дека треба да победи подобриот, но и да се почитува другиот, дека навивањето е награда, а не казна. Да потсетам дека срамот не е само на оние чии зборови повредуваат, зашто ги погодуваат не само оние во салата или на теренот, туку и оние што ги гледаат и слушаат заради нивниот неограничен домет, вели Сиљановска-Давкова.

Мора да ѝ се спротивставиме на навивачката омраза, порачува Сиљановска-Давкова, додавајќи дека мора да се облагороди навивањето, да научиме како се навива и да ја засили битката против предрасудите и судири меѓу „ различните“.

-Страсното навивање никогаш не е навредливо и агресивно. Ни треба азбука на навивањето како спортско уживање, навивачко описменување, оти Пирова е спортската победа ако е проследена со физичка или говорна агресија, нагласува Сиљановска-Давкова.

Гаши за недоличните скандирања во Куманово: Да застанеме заедно против омразата

Две лица се повикани во полиција за скандирање на говор на омраза во салата во Куманово

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Опозицијата бара извинување од Стоилковиќ за навреди и пцости кон пратениците Трајчулевски и Битиќи – тензии во парламентот

Дејан Дејан

Остра реакција од Сојузот на борци за разобличување на предлогот на ДУИ

Дејан Дејан

(видео)Филипче: Никој не му се плаши на Мицкоски, заканите и навредите се доказ за неговата слабост

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе