Откако преживеа три обиди за убиство, Раде Трајковски Штекли денеска не седна на обвинителна клупа, бидејќи бил неконтактибилен и дезориентиран во сите правци и затоа не беше испорачан од затворот Скопје во Кривичниот суд. Трајковски и и неговите најблиски соработници се обвинети за трговија на дрога, односно кокаин и марихуана. Во затворот во Шуто Оризари се пожалил на здравствени проблеми по што била повикана брза помош и му бил изготвен ургентен специјалистички упат за неврологија. Сличен напад имал и во текот на вчерашниот ден.
Одбраната на Трајковски прретходно доставила психијатриско вештачење дека тој не е психички способен да ги следи рочиштата, информираше обвинителката Верица Бержетска Крстева. Од судот таа побара да дозволи тим на психијатри да го прегледаат Трајковски во затворот и врз основа на тоа да изготват ново вештањење за психичката состојба на обвинетиот. Судијата Илија Трпков го прифати барањето на обвинителката и најави дека ќе испрати решение до затворот.
Освен Трајковски, на денешното рочиште не беа спроведени поголемиот дел од другите обвинети во предметот. Вкупно со него се 10 обвинети. Наредното рочиште е закажано за 7 август. Обвинението беше поднесено на крајот на мај годинава по истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Седум припадници на групата на Штекли претходно се спогодија со обвинителството и добија затворски казни од 3 до 5 години. Станува збор за продавачите на дрогата. Тие дрога продавале и на интернет, но најчесто во кафуле во Аеродром без за тоа да знае сопственикот.
Трајковски од јануари е во притвор, кога беше уапсен при обид за бегство во близина на хотел во околината на Гевгелија. На средината на ноември, лани имаше експлозија во неговиот двор во Ќерамидница. Трајковски мина со лесни повреди и изгореници по телото. Претходните два обиди за негова ликвидација се случија во трговскиот центар „Ист Гејт“. Еднаш во гаражата од возило во движење, а вторпат на ескалатор, кога тој мина со полесни повреди.
Во судското досие има две пресуди. Шестмесечна затворска казна за тешки телесни повреди и насилство поради која беше испорачанво државава во февруари лани. Втората пресуда за исто дело насилство извршено пред десетина години му била изречена двегодишна затворска казна.
Марија Митевска
