Скопското обвинителство отвори истрага против Зоран Д. ; вработен во Народна банка, под сомнение дека им помогнал на сторителите во прикривање на оружјето со кое беа извршени двете брутални убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Според сведочењето на еден од обвинетите, Велибор Манев, дадено вчера во завршните зборови во судот, токму Зоран Д. добил задача да го уништи пиштолот со кои беа извршени ликвидацииите.
„Согласно исказот на еден од обвинетите, сега осомничениот помогнал со прикривање на орудијата со кои се извршени кривичните дела за кои е пропишана казна доживотен затвор. По пренесени инструкции од првообвинетиот, осомничениот од просториите на политичката партија Десна зел еден син ранец во кој се наоѓало огнено оружје пиштол – со кој биле извршени двете кривични дела и го отстранил од партијата. Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени“, соопштија од ОЈО Скопје.
За да се проверат овие наводи извршени се претреси на две локации, а се преземаат и други истражни дејствија. Осомничениот беше приведен вчера и до утрово беше на распит во полициска станица, но засега нема информации дали тој ја признал поврзаноста со случајот или не, дали е пронајдено оружјето со кое се извршени ликвидациите или пак тој успеал да го уништи.
Нему му е одземен пасошот и има обврска повремено да се јавува во судот.
„Истрагата против ова лице претставува посебен предмет кој не влијае на судската постапка за двете грабнувања и убиства која е во завршна фаза и во рамките на која Јавното обвинителство го поткрепи обвинението со огромен број вербални и материјални докази за сторените дела, велат од ОЈО Скопје.
Во завршните зборови вчера првообвинетиот Палевски вината повторно ја префрли врз тројцата сопартици. Кажа дека Манев бил организатор, Видевски бил ликвидаторот а Кешишев стражарот при ликвидациите.
Обвинителството побара доживотен затвор за сите четворица обвинети. Пресудата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски ќе биде изречена на 25 јуни.
Емилија Мисирлиевски