Обвинителството и полицијата потврдија дека е уапсено уште едно лице во истрагата за пожарот во кочанакста дискотека Пулс, во кој загинаа 62-ца главно млади луѓе. Уапсениот е осомничен за тешки дела против општата сигурност бидејќи истрагата утврдила дека е вистински и реален сопственик на агенцијата за обезбедување Рубикон која беше на вратите и го обезбедуваше објектот за време на пожарот на 16-ти март.
Станува збор за Александар Нацев, кој е приведен и за кого обвинителството посочи дека ќе бара притвор. МВР пак потврди дека во координација „со јавен обвинител по наредба на судија на претходна постапка изврши претреси на две локации во Скопје и во Пробиштип, во врска со агенција зља обезбедување при што лишено од слобода е лицето А.Н.“
Обвинителството соопшти дека уапсениот „раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани.“
-Тие без да имаат склучено договор со корисникот на услугата Кабаре ПУЛС Кочани, во текот на 2025 година вршеле обезбедување на имот и лица за клубот. Новиот осомничен во континуитет активно раководел со планот и начинот за давање на услугата обезбедување преку правното лице, соопшти обвинителството.
Обвинителството бара притвор за новиот осомничен во истрагата.
Александар Нацев е поранешен директор на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации -ДБКИ (мандат до 2017-та година) и е универзитетски професор, во моментот ангажиран на Воената Академија Михајло Апостолски во Скопје. Со официјалниот сопственик на агенцијата Рубикон имаат заедничка невладина организација.
Нацев претходно беше и активен партиски член на ВМРО-ДПМНЕ и додека партијата беше во опозиција имаше прес конференциии поврзани со безбедносни теми.
Целосно име на агенцијата е Друштво за обезбедување на имот и лица РУБИКОН СЕКЈУРИТИ СОЛУШНС увоз-извоз ДООЕЛ Кисела Вода, Скопје.
Според податоците на на Бирото за јавни набавки, Рубикон има вкупно 6 договори за обезбедување склучени со 5 средни училишта на територија на градот Скопје. Вредноста на сите договори е околу 4,7 милиони денари односно околу 75 илјади евра. Сите договори на Рубикон се склучени лани, по промената на власта, а последниот е потпишан со Гимназијата Кочо Рацин, два дена пред трагедијата во Кочани.
Од друга страна пак на сајтот на Отворени финансии стои дека Рубикон имал уплати и од училишта во Кочани, како и од Агенцијата за вработување во Прилеп. Сите уплати се после јули односно по промената на власта.
Во продолжение, целосното соопштение на Обвинителството:
Со истражната постапка за пожарот во кочанската дискотека “Пулс” е опфатено уште едно лице за кое е поведена истрага за – Тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
Во текот на досегашната постапка се обезбедија докази согласно кои за сега осомничениот се утврди дека е одговорно лице – реален сопственик на осомниченото правно лице – агенција за обезбедување на имот и лица од Скопје.
Согласно доказите, тој раководел со деловниот потфат и целокупното работење на агенцијата, заедно со претходно осомничениот управител и со овластеното лице на подружницата во Кочани.
Тие без да имаат склучено договор со корисникот на услугата Кабаре ПУЛС Кочани, во текот на 2025 година вршеле обезбедување на имот и лица за клубот. Новиот осомничен во континуитет активно раководел со планот и начинот за давање на услугата обезбедување преку правното лице. Заедно со осомничените кои биле ангажирани како обезбедување, спротивно на повеќе членови од Законот за приватно обезбедување, без каква било претходна безбедносна проценка и план за обезбедување, како и без проверка на условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, без да извршат проверка по однос на сигурносните услови во кабарето од аспект на имот и лица, особено по опасност и можност за евакуација, во текот на вечерта кога настанал пожарот не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот за посетители во објектот, не спречиле внес и користење на експлозивни материи – пиротехнички средства од членовите на музичката група, со кои бил предизвикан пожарот, поради што настапила смрт кај 62 лица, со тешки телесни повреди се здобиле 157 лица, а со телесни повреди се здобиле 54 лица.
Врз основа на судска наредба вчера беше извршен претрес на две локации во Скопје и во Пробиштип, како и во автомобилот на осомничениот, при што беше одземена обемна документација поврзана со правното лице и електронски уреди. Лицето е лишено од слобода и со оглед на сите околности и законски основи, јавниот обвинител денеска до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Кочани ќе достави предлог за определување мерка притвор.
Миомир Серафиновиќ