Собранието на својот веб сајт ги објави предлозите и биографиите за нов министер за здравство, Азир Алиу и нов заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа. Предлозите од влада се испратени во петок, а Собранието денеска ги објави предлозите кои треба да ги пополнат позициите откако Арбен Таравари ја напушти владината коалиција.
Азир Алиу, по вторпат ќе стане министер, овојпат за здравство иако по образование и пракса е универзитетски професор по информатички науки. Алиу во периодот 2023/24-та беше министер за дигитално општество и администрација во владата на Димитар Ковачевски во која беа СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците. Беше разрешен откако и тогаш Арбен Таравари ја напушти владеачката коалиција, а сега е обратна ситуацијата, тој го напушта Таравари, но добива министерска позиција.
Роден во Гостивар, има 49 години и е долгогодишен професор по информатички науки на Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово. Има учествувано во десетици научни проекти поврзани со дигитализација.
Во биографијата на кандидатот за заменик министер за земјоделие Албрим Хоџа стои дека до лани имал новинарска кариера, но и кариера на маркетинг агент во Струга. Има и искуство со подготвување на ИПАРД проекти за земјоделие. Во 2020-тата година, Хоџа како новинар му постави прашање на лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој го етикетираше дека е зачинет и контролиран од некој друг- поради што и ЗНМ застана во одбрана на Хоџа. Тој е дел од највисокото партиско раководство на Алијансата за Албанците, крилото предводено од Таравари, но го напушти доскорешниот лидер.
Досега нема предлог за нов заменик министер за одбрана бидејќи по заминувањето на Таравари и тоа место е упразнето поради оставка.
Миомир Серафиновиќ
Една изборна единица прифатлива за сите – дилеми околу другите прашања поврзани со изборите