Министерства криеле службени возила, институции вработувале и отпуштале за време на избори, партии ги криеле приходите и донациите. Извештајот на Антикорупциската комисија за парламентарните избори годинава, покажува бројни прекршувања на Изборниот законик. Дури 826 институции, од кои 10 министерства, воопшто не доставиле информации за тоа, колку и какви службени возила поседуваат, што е нивна законска обврска, а 329 тоа го стотиле откако поминал рокот. Ова за антикорупционерите е загрижувачки факт, кој укажува на свесно прикривање, затоа што, врз основа на тие податоци, се контролира дали возилата се злоупотребуваат за време на изборната кампања.
Анализата на изворите на финансирање, пак, покажува дека, од вкупната сума за финансирање на кампањата, 64 отсто се пари од државниот Буџет. Оттаму, антикорупционерите сметаат дека, државното финансирање на партиите треба да се укине, поради постоење на ризици од корупција.
Што се однесува до парите од донации што се влеваат во партиските каси, констатирано е дека нивното пријавување е премногу комплексно и неефикасно. Четири партии, што учествувале на изборите, немаат доставено финансиски извештаи, додека само мал број од фирмите што вршат платено политичко рекламирање, доставиле извештаи, а санкции не се изречени.
За време на изборите, Комисијата оформила вкупно 65 предмети, од кои најголем дел се за прекршување на забраната за вработување на нови лица или отказ во државни и јавни институции. Поведени се и шест иницијативи за кривично гонење, четири за утврдување на одговорност на службени лица и оформени се три предмети по допрен глас од медиуми. Два од нив се за злоупотреба на тендери, а еден за несоодветно прекинати договори на ангажирани лица во културна установа.
Тука е и случајот против Академијата за судии и јавни обвинители, каде по распишување на изборите била продолжена постапката за прием на 130 нови слушатели. Откако и Вишиот Управен суд ја одби жалбата на Академијата, ДКСК има поднесено и две иницијативи за утврдување на одговорност против претседателот и членови на Управниот одбор на Академијата.
Далиборка Демјанска Цветановска
