Непотполно конзилиарно мислење на ТОАРИЛУЦ е причина што првостепената комисија на Фондот за здравство (ФЗО) го одбила барањето на Леонид Индов за 140.000 евра, кој лани се повреди на одмор во Грција и не може да ги движи екстремитетите. Според директорката на ФЗО, Филиповска-Грашкоска, и покрај тоа што првостепената комисија се обратила до лекарите кои го издале конзилијарното мислење, тие по вторпат добиле непрецизиран одговор што конкретно се бара.
„Премногу општо конзилијарно мислење кое остава широк простор за шпекулации. Семејството на Леонид Индов може да се жали. За промена на Правилникот за начинот за користење на здравствени услуги потребно е да се смени Законот за здравствено осигурување. Ќе почекаме дополнително образложение од ТОАРИЛУЦ во кое ќе се наведе конкретната интервенција што треба да му се направи на пациентот и ќе ја преиспитаме својата одлука“, информираат од ФЗО.
На денешниот брифинг со новинарите, и покрај тоа што била поканета, претседателката на првостепената комисија на ФЗО, докторка Сања Петрова да образложи, каде во земјава Леонид Индов може да се лекува, таа не дојде за да го каже и својот став.
Заменик министерката за здравство, Манолева тврди дека и порано се видела со родителите на Леонид Индов и им укажала дека во Македонија има центар каде што може да се направи рехабилитација во делот на отстранување на респиратор. И покрај тоа што семејството на 18-годишниот Леонид Индов покажа конзилијарно мислење во кое стои дека во земјата се исцрпени сите можности за негово лекување, денеска Манолева вели дека родителите воопшто не побарале никакво мислење од соодветна институција за можноста лекувањето или рехабилитацијата да се завршат кај нас.
Во меѓувреме, останува на ФЗО и на второстепената комисија дали рехабилитацијата и лекувањето на Леонид Индов ќе продоложи во Австрија. На социјалните мрежи сè уште се споделуваат повици за хуманост и се собираат донации за помош на Леонид.
Нина Стефанова













