Расте бројот на новозаразени со голема кашлица, а се зголемува и заразата кај повозрасната популација. Досега потврдени се вкупно 56 случаи, од кои дури 46 се од Скопје. Од Комисијата за заразни болести велат дека состојбата со кашлицата е под контрола, но не може да се каже дека е стабилна бидејќи се уште има пораст на потврдени случаи.
- „До денес потврдени се вкупно 56 случаи на голема кашлица. Од нив 14 се деца под една година, а дополнителни 9 се на возраст од 1- 4 години. Од заразените 16 се невакцинирани, а 12 се некомплетно вакцинирани. За разлика од претходно меѓу заразените сега се појавуваат и адолесценти, деца на возраст од 10 до 14 години и повозрасни“- Александар Петличковски-претседател на Комисија за заразни болести.
Надлежните сметаат дека во наредниот период ќе расте бројот на заболени со голема кашлица кај повозрасната популација. Но, големата кашлица не претставува ризик за возрасните бидејќи за нив постои антибиотска терапија.
- „Болеста пертусис за возрасни не е опасна бидејќи за неа има достапен лек и нема потреба од страв. Возрасните луѓе како преносители на малите деца се опасни и затоа се препорачува во ова упатство и нивна заштита со вакцини и антибиотици. Вакцини за возрасни во моментот нема, но сме многу блиску да дојдат да се набават“- -Александар Петличковски-претседател на Комисија за заразни болести.
Големата кашлица се појави на почетокот на јануари,а бројот на заразени постојано растеше. Тоа беше причина Комисијата за заразни болести да го вклучи алармот со препорака да биде прогласена епидемија на пертусис на ниво на град Скопје и прпорака невакцинираните деца да посетуваат градинка. За спречување на ширење на заразата потребно е 95% од популацијата да биде вакцинирана.
Тамара Марковска













