На три дена пред истекот на валидноста на пасошите со старото уставно име, се воведува втора смена и работа во сабота и недела, а се испраќаат на испомош и дипломати во дипломатско-конзуларните претставништва на земјава каде се очекува поголем број на македонските граѓани со барања за издавање на патни исправи и патни листови за да можат да се врата во земјава и по 12 февруари.
Во моментов најголем наплив на апликации има во Бон, досега 8.300, потоа следат Берн, Берлин, Минхен, Венеција, Виена, Рим, Љубљана. Според МНР, во дворовите на овие амбасади постојано има по 300 луѓе кои чекаат пасоши.
Во дипломатски претставништва во Германија и Италија се испраќаат и две дополнителни мобилни станици за издавање на пасоши.
Се разгледува можност во градовите каде што има поголем број наши граѓани од дијаспората, најверојатно во Германија, Италија и Швајцарија, да се постават дипломати на аеродромите, односно каде што се агенциите, коишто ќе можат да им издаваат на граѓаните патни листови на лице место, наведуваат од МНР.
Во градовите каде живеат голем број македонски граѓани, а нема амбасада или козулат, од 12 февруару се планира воведувањ и на календар на конзуларни денови каде што ќе може да поднесат апликации за пасоши, а ќе има и посебни тимови за издавање на патни листови.
За Африка каде Македонија има само едно дипломатско претставништво и тоа во Каиро, од МНР информираат дека е воведен систем на електорнски конзулат, односно, да апликациите да се испраќаат он-лајн, а патните исправи да им стигнат по пошта.
За граѓани коишто не ќе можат да извадат патен лист, а ќе бидат затекнати надвор од итни и неодложни работи, од хуманитарен карактер, разговараме со државите да им излезат во пресрет, да можат без никаков проблем да се вратат дома, велат од МНР.
Сепак од МНР предупредуваат граѓаните да не се потпираат многу на тоа, бидејќи Грција со писмо веќе ги известила сите држави дека македонските пасоши со старото уставно име од 12 февруари се неважечки, согласно Преспанскиот договор.
Што се однесува до личните карти и возачките дозволи, од МНР наведуваат дека она што е олеснително за нив, за разлика од пасошите, е што законот за нив уште не е сменет и тие ќе важат за внатрешна употреба и по 12 февруари, но за излез со нив надвор од државава одлука за тоа ќе носи секоја држава одделно, дали ќе ги признае како валидни или не.
Инаку освен за пасошите, од 12 февруари надвор од државата нема да може да се патува со автомобил доколку сообраќајната дозвола е со старото уставно име на државата.
Тамара Грнчароска