За три дена истекува рокот кој произлегува од Преспанскиот договор по однос на валидноста на исправите и документите кои што имаат меѓународна употреба, а во себе го содржат старото уставно име на државата.
Од МНР велат дека не треба да се создава паника меѓу граѓаните особено оние кои по истекот на овој рок ќе се затекнат во странство, повторуваат тие ќе може да се вратат со патни листови.
Дел од граѓаните пак во дијаспората во паника деновиве ги окупираа македонските дипломатско конзуларни претставништва, а особено во Германија, во Швајцарија и во Италија, но и во други држави, стравувајќи дека поради промената на документите може да ги изгубат работните места и дозволите за привремен престој.
Од МНР апелираат во државите каде нема дипломатско конзуларни претставништва, граѓаните своите апликации да ги достават онлајн, а патните листови да ги добијат по пошта.
Пред неколку дена министерот за надворешни работи на Грција во Рим, уште еднаш ја изразил волјата на земјата да нема никакви проблеми во имплементирањето на одредбите од договорот.