Томас Тодоров е дипломиран физиотерапевт кој шест години работи на кардиохирургија со договор на дело. Зема минимални примања и нема никакви права бидејќи не е во работен однос. Тој вели дека во работата го вложува својот труд максимално, но тоа што не добива вработување го принудува да ја промени својата струка.
„Нормално дека сум разочаран. Ние сме млад стручен медицински персонал кој со години работи со договор на дело. Државата веќе не ни дава надеж и присилени сме и ние самите да ја промениме нашата струка и да работиме нешто друго или тука или надвор од државата“, изјави Томас Тодоров, физиотерапевт.
Истиот проблем го делат и многу други здравствени работници кои денес излегоа на мирен протест. Бараат нивниот работен однос да се трансформира и конечно да добијат вработување. Во нивна поддршка застанаа и здравствените синдикати.
„Овие луѓе кога беше ковид кризата беа во првите борбени редови. Сега се оставени на милост и немилост. Сега работат од хумани причини бидејќи договорите им се завршени на 31 декември, а од страна на Владата беше ветено дека ќе има 1.117 вработувања, но до денес немаме одговор ниту од министерство за здравство ниту од финансии“, изјави Боби Бојчевски, Независен синдикат на здравствени работници.
„Ние сега преговараме со министерот да се реши проблемот, а вчера имаше ситуација кога тој не можеше да влезе во Влада. И сега ние бараме од таквите луѓе да го решат проблемот. Ова политичките партии мора да го забораваат доаѓаат избори и народот веќе знае што ќе прави“, изјави Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија.
Здравствените работници порачаа дека до крајот на идната недела даваат можност да се реши проблемот во спротивно најавуваат дека правдата ќе ја бараат на суд.
Од Министерството за здравство смируваат, велат дека процедурата за вработувањата ќе трае до крајот на годината.
„Во дел од јавните здравствени установи веќе се добиваат согласностите и треба да почнат постапките. Дури и кога ќе се распишат изборите постапката нема да запре туку ќе биде ставена во мирување“, изјави Маја Манолева, заменик министер.
Деценискиот проблем со здравствените работници досега не успеа да го реши ниту еден надлежен министер, а тоа е причина плус за медицинскиот кадар да ја гледа иднината во друга држава.
Тамара Марковска