Пратеникот и претседател на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми од ДУИ го кочи донесувањето на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, се жалат од Македонската медиумска асоцијација (ММА).
„Имено, измените на законот за АВМУ кој треба да ја сопре галопирачката и дрска пиратерија, да обезбеди регулација на односот на телевизиите со кабелските оператори, како и транспарентност при трошење на буџетски пари, се закочени од господинот Арбр Адеми, претседател на Комисијата за европски прашања, член на ДУИ, кои појавуваат политичко самоволие поддржано и од другиот владин партнер, пратениците на СДСМ. Менаџерите на членките на ММА имаа повеќе средби со претставници на СДСМ и ДУИ на кои ни стана сосема јасно дека една од тие две партии има крајно непринципиелен став и за нас неетички став кон една наша телевизија, поради несогласувањето со уредувачката политика на таа ТВ компанија, однесување кое е скандал само по себе. Колкав е проблемот на огромната пиратерија е фактот што повеќе од една година ОЈО Скопје не донесува обвинителен акт против еден сателитски оператор, иако се доставени голем број на докази и нотарски записници за утврдување на факти. Се сомневаме дека постои и застој во ОЈО поради случај на сериозен кронизам, па ММА ќе поднесе ургентна претставка до Вишиот обвинител. Загрижува фактот што ОЈО не ја гони пиратеријата што е сериозно кривично дело кое прави огромна штета на многу субјекти, гледачите и нас телевизиите, за што доколку треба во блиска иднина ќе се обратиме до обвинителскиот совет“, се вели во реакцијата на ММА.
Според нив, на тој начин брутално и директно тој го руинира медиумскиот пазар, наштетувајќи им на гледачите, ТВ компаниите и на странските продуценти. Од ММА велат дека тоа го констатирале по одржаните средби со прататеници од ДУИ и од коалициониот партнер СДСМ, а причината за кочењето на усвојувањето на законските измени е поради несогласувањето со уредувачката политика на една ТВ куќа.
Од ММА најавија преставка до Вишиот обвинител, откако утврдиле дека ОЈО не ја гони пиратеријата на која треба да и се стави крај со усвојувањето на измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.