Вести Македонија Најважни

Повеќе нема сликање без термин и „само да прашам“ во ПС „Пролет – граѓаните стравуваат за подигнување на документите

Импровизирани кабини на двете страни од кошот, столчиња покрај нив и прегради во средина. Пунктот во полициската станица „Пролет“ денес проработи со зголемен капацитет.

Од денес веќе нема фотографирање без закажан термин, па нема ниту метеж. Сите што се дојдени за промена на личните документи, се претходно повикани откако имале закажан термин за неколку месеци. Сега немаат дилема дека ќе се сликаат.

Но, дел од нив стравуваат како и кога ќе успеат да си ги земат готовите исправи.

„Вчера приквечер ми се јавија и сега еве доаѓам. А, инаку бев закажан за 8 мај. Право да ви кажам, не доликува луѓево да се малтретираат на овој начин. Не можеа да се извадат документи, се чека по 3-4 месеци. Ќе видиме кога ќе се сликаме за колку време ќе ги дадат пасошите, мене тоа ме интересира“, вели еден од граѓаните кои биле повикани за фотографирање.

 

„Чекавте претходно во редовите за без термин?

– Не, не. Не сакав затоа што имав термин во мај. Па сега – здравје“, одговара уште една од анкетираните.

 

„Си имав термин во мај и ќе си чекав. Ама сега кога ми јавија таман ќе можам навреме да извадам и да одам и да ги посетам внуката и ќерката кои се во Австрија“, открива една од граѓаните во пунктот за фотографирање.

Во изминатиот викенд се ревидирани телефонските пријави за фотографирање и било утврдено дека дури 30 илјади термини се фиктивни, што значително го закочува процесот. Тие ќе бидат избришани од системот.

Додека се бришат вишокот зафатени термини, службите ги повикуваат граѓаните порано за фотографирање.

Во меѓувреме се јавуваат и други да закажат термин, а кои не закажале досега. За повеќето тоа завршува само како неуспешен обид, на преоптоварената телефонска линија.

„Ве молам оние коишто имаат термини да не ѕвонат! Сите што имаат закажано термини по телефонски пат ќе бидат исконтактирани од службите. Знам дека има проблем со телефонските повици и тоа ми е кажано од повеќе граѓани. Системот е блокиран. Ѕвонат повеќе од 200 луѓе во секунда. И не може да се одговори“ изјави министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски.

За пет дена истекува рокот и веќе нема да важат личните документи со старото уставно име, за меѓународна употреба.

За исто толку време граѓаните ќе мораат да залепат налепница со кратенката „NMK“ на регистарските ознаки на автомобилите.

Истите сѐ уште не се испорачани во станиците за технички преглед. Министерот Тошковски се пожали на опструкции околу ова, но побара уште малку време пред да соопшти повеќе детали.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Родителите на починатите деца од пожарот во „Пулс“ чекаат одговор на барањата

Дејан Дејан

Трамп испраќа писма со нови царини до трговските партнери

Дејан Дејан

Уште едни неуспешни преговори за прекин на огнот помеѓу Хамас и Израел

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе