Како се случи поканата за доказно рочиште да биде испратена е прашање за Синодот на МПЦ-ОА и кредибилитетот на неговите членови, рече новинарот Марјан Николовски во вечерашната Топ Тема на Телма, за тоа што беше „наводно“ поканет на доказно рочиште од страна на Синодот на МПЦ поради говор на омраза и загрозување на безбедност на членовите на Синодот.
Мене сосема ми е јасно кој стои зад целата оваа ситуација. знаејќи ги информациите од синодскта седница одржана на 26 декември минатата година, во полн состав, кога еден од владиците, тоа е кумановскиот митрополит Григориј, покренал иницијатива да се стави таа точка на дневен ред, и нормално мнозинството владици биле против, а тој изрично рекол дека постапката ќе ја тера до крај. Но, како се случило да излезе поканата е прашање за владиците, прашање е за членовите на Синодот на МПЦ. пред сѐ за нивниот кредибилитет дали можат да утврдат и дали можат да покренат одговорност за еден од своите собраќа, кој успеа да ги втурне во една лакрдија, како што вели владиката Тимотеј, целокупната МПЦ и целокупниот Синод, со еден негов каприц каде решил да ме спали на плоштад како вештер, затоа што не му се допаѓа да пишувам за неговото руско влијание во МПЦ, рече Николовски.
Николовски вели дека му е јасно зошто владиката го презел тој чекор а тоа е затоа што тој веќе година и половина пишува дека МПЦ е под сериозно руско влијание, и тоа руско влијание одело преку владиката Григориј.
Тука е главниот проблем во целата ситуација, затоа што ако тој се почувствувал навреден ќе посочи на конкретен текст. Проблемот е пишувањето а не конкретен текст, рече Николовски.
За новинарот Бранко Ѓорѓевски тоа е еден неприфатлив чин, кој укажува дека нашата црква и натаму не е ослободена од оние скандали кои се случуваат од време на време.
Среќна околност е што тие скандали се надминуваат, но за жал и продолжуваат. Ова е една епизода која ќе заврши. Оваа непријатна епизода треба да се стави во контекст на она глобално движење што се случува во МПЦ поврзано со процесот на нашето здобивање на автокефалност. Очигледно таму се случуваат сериозни процеси, нашата црква стана еден актер, да не кажам марионета што би било многу потежок збор, но очигледно е дека ние сме станале некаква монета за поткусурување во таа веќе децениска борба помеѓу Москва и Цариград околу приматот во православието, рече Ѓорѓевски.