Средствата на независниот синдикат на професионалните војници се блокирани веќе една година, вели Александар Насковски, претседател на синдикална организација. Тие веќе поднеле и кривични пријави за седум лица кои лажно се претставувале како претставници на синдикатот во одбраната.
Министерството за одбрана (МО) во соопштение до медиумите вели дека во мај 2023 претседателот на Мултиетничкиот синдикат го информира МО дека Александар Насковски е разрешен од функцијата претседател на синдикалната организација, а нов претседател на овој синдикат е Зоран Павловски.
„Во меѓувреме со допис сме информирани дека Александар Насковски формира нов синдикат МЕС и во рамките на тој, нова подружница со исто име како и претходниот синдикат и пријавува нова жиро-сметка за истоимена синдикална организација како нов правен субјект“, соопштуваат од МО.
Според МО, ваквата недоречена ситуација создала несигурност и сомнежи кај службениците чија одговорност е исплаќањето. Тие се обратиле до двата синдиката со барање да го потврдат членството, па Министерството најавува дека ќе исплати членарина на оној правен субјект на кој членовите со пристапници ќе се изјаснат дека припаѓаат. Во истовреме министерката Петровска ги повикува петте синдикати на обединување.