Вести Македонија Најважни

Боледувањата, рецептите, исплата на капитациите ќе бидат доведени во прашање доколку потрае штрајкот во ФЗО

Фондот за здравство и матичните лекари се едно ткиво и не може најавениот штрајк да биде без последици за, речиси, сите услуги кои им се потребни на граѓаните, реагираат матичните лекари. Првиот проблем кој ќе се појави е проблемот со комисиските решенија за боледувања, вели Чолакова- Дервишова. Во таа комисија членуваат тројца доктори и еден правник од Фондот за здравство.

„Тоа се комисии формирани за продолжување на боледувања на пациентите. Во Велес, на пример, во понеделник е Комисијата, во вторник веќе ги чекаме решенијата, затоа што ние не можеме да му продолжиме на ниту еден пациент боледување ако над 15 дена немаме комисиско решение. Пациентот ќе треба да однесе документ оправдување во самата фирма, за да му се оправда продолженото лекување. Имаме пациенти кои имаат потешки операции, на пример операции на колкови каде што подолготрајни се лекувањата, хируршки зафати и други тешки хронични заболувања“, изјави д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здужението на приватни лекари.

За упати и рецепти за сега нема проблем, вели Дервишова- Чолакова. Во врска со исплатата кон матичните лекари има уште цела недела.

Доколку се пролонгира штрајкот, за што уште на почетокот предупреди Синдикатот на ФЗО, на шалтерите ќе работи само по едно лице, нема да има исплата за капитација на матичните лекари, ниту за лекови за аптеки, ниту пак  плати во јавно здравство. Причина за овој штрајк е фактот дека на вработените во ФЗО на барање на Министерството за финансии може да им бидат намалени платите за 21 отсто и неизвесноста што ќе одлучи Управниот одбор на ФЗО.

Во овој момент додека не знаеме колку ќе трае штрајкот во ФЗО не би сакале да шпекулираме кои би биле долгорочните последици, велат од  Здружението на приватни аптеки.

„Од оние информации кои ние ги имаме како Здружение на приватни аптеки и врз основа на најавата на ФЗО за штрајк очекуваме дека пациентите во аптеките ќе можат непречено да си ги подигнат лековите на рецепт на товар на ФЗО, од причина што реализацијата на фондовските рецепти се одвива преку платформата „Мој термин“ преку Министерство за здравство“, изјави Џоана Андоновска од Здружението на приватни аптеки на Македонија.

Министерството за финансии уште минатата недела излезе со став дека не се работи за намалување на платите на вработените во ФЗО, туку се прави обид за повторно зголемување на истите кое реално ќе има фискални импликации во буџетот на Фондот. Велат дека платите во ФЗО во текот на 2023 година се зголемени повеќе пати.

Синдикалната организација на ФЗО при Синдикатот на УПОЗ, во преговори со раководството на ФЗО и Управниот одбор на ФЗО во јули 2023, постигна договор за покачување на платите на вработените во ФЗО во висина од 15 проценти во неколку фази. Но, како што велат од Синдикатот на Фондот, доколку сега се намалат платите, 25 проценти од вработените паѓаат под минимална плата и уште 25 проценти доаѓаат на минимална плата, што е недозволиво за институција која го има најголемиот буџет во државата.

Министерот Меџити го поддржува барањето, но во оваа прилика потсетува дека ова прашање е во надлежност на Министерството за финансии кое треба да одлучи согласно расположливите средства во буџетот и можностите.

Меџити веќе на следната седница на Влада во вторник ќе го отвори ова прашање по што јавноста ќе биде информирана, се вели во дописот на надлежното министерство.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Уште едни неуспешни преговори за прекин на огнот помеѓу Хамас и Израел

Дејан Дејан

Фрлен отпушок од автомобил причина за пожарот кај Блаце?

Дејан Дејан

Продолжува топлотниот бран, денеска до 41 степен

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе