Комисијата за заразни болести следната среда ќе ја разгледува состојбата со сите заразни заболувања, вклучително и со грипот и големата кашлица. Според податоците од последниот извештај на институтот за јавно здравје (ИЈЗ), расте бројот на заболени од грип, а во Ресен, Кавадарци и во Кратово има многу висока активност на вирусот.
Последната недела од јануари, заклучно со 28 јануари, пријавени се 1.834 случаи на заболувања слични на грип, што е за, речиси, 10 отсто повеќе во споредба со претходната недела. Во текот на оваа недела, регистрирани се два смртни случаја поврзани со грип. Станува збор за лица на возраст од 20 и 36 години од Скопје, односно Демир Хисар, кои биле хоспитализирани на клиниката за инфективни болести.
Починатите имале коморбидитети и не биле вакцинирани. Проценките на надлежните се дека пикот на грипот ќе биде до крајот на месецов. Се апелира на вакцинација, особено кај ранливите категории на граѓани. Заклучно со четвртата недела од годинава, вакцинирани се вкупно 61.543 луѓе.