Против шестемина малолетници од Кавадарци, кои правеле фотомонтажи на нивни соученички, Обвинителството поведе постапка за злоупотреба на лични податоци. Деветтоодделенците, кои се осомничени во овој случај, пред околу четири месеци, од социјални мрежи неовластено преземале фотографии на повеќе девојчиња, ги монтирале со недолична содржина и ги споделувале.
„Нивната цел била да ги навредат и исмеваат и да нанесат штета на угледот“, се вели во соопштението на Јавното Обвинителство.
„Основното јавно обвинителство Кавадарци до надлежниот суд поднесе Барање за поведување подготвителна постапка против шест деца во судир со законот за кои постои сомнение дека сториле продолжено кривично дело кое е санкционирано како – Злоупотреба на лични податоци од член 149, став 2, во врска со став 1 од Кривичниот законик“, соопштија од ЈОРСМ.
Во наведениот член стои дека тој што спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Со казна од став 1 се казнува тој што ќе навлезе во компјутерски информатички систем на лични податоци со намера користејќи ги за себе или за друг да оствари некаква корист или на друг да му нанесе некаква штета.
Родителите на малолетничките чии фотографии се злоупотребени случајот го пријавиле во полицијата во октомври минатата година. Десетина дена по пријавата ОЈО Кавадарци оформило и предмет за настанот, по што пред неколку дена го добило и вештањето во врска со монтажата на фотографиите, поради што е поведена и постапката.
Данијела Билбилоска