Двајцата директори на клиниката за онкологија за две години, од 2019 до 2021 година, набавувале залиха од лекови без тендер и без да ги знаат реалните потреби за пацинетите. Заедно со тројца онколози, кои препишувале вишоци на терапија, успеале да направат евентуална штета од околу 30 милиони евра.
По вчерашниот упад на онкологија и во домовите на осомничените, Обвинителството денеска побара од Кривичен суд на двајцата директори да им биде одземен пасошот и поранешниот медицински директор да не може да се доближи до работното место.
За онколозите не се побарани мерки и може да продолжат да работат со пациенти. Досегашната предистрага на обвинителстбото покажала дека се препишувале вишоци на лекови кои сè уште не се знае каде завршиле.
Засега е познато дека не завршиле на црниот пазар во Косово, а се чека одговор од Албанија. Се давале една до две дози плус на пациент. Има и изолиран случај кога се дале дополнителни осум терапии кои не ги примил. На ден пред смртта, исто така, пациенти добивале скапа биолошка терапија за која извесно е дека не ја примиле, бидејќи немало потреба од тоа.
Обвинителството има сознанија и за стан каде се чувале лековите кои биле злоупотребени. Обвинителството прегледало 25.500 електронски и хартиени досиеја и разговарало со 35 до 40 онколошки пациенти.
Павле Беловски
