Се зголемува бројот на хоспитализирани пациенти во битолската Клиничка болница со потешка форма на грип. За само една недела на Интерното одделение се прегледани 450 лица од кои 170 или 40 проценти имале бронхопневмонија. Дваесет од нив се задржани на болничко лекување. Најмногу на удар се учениците и работоспособното население, а здравствените работници велат дека загадениот воздух дополнително ја влошува состојбата.
„Бројот секојдневно расте, има голема тенденција на зголемување. Тоа се респираторни заболувања, дел се предизвикани од загадениот воздух, дел од вирусите кои што се шират. Најчесто на удар е работоспособната група од 15 до 65 годишна возраст. Тоа се грипот и останати респираторни заболувања, како и бронхопневмонијата“, вели Ивона Трифунов, портпаролка на Клиничка болница Битола.
Од болницата велат дека пациентите бараат помош од лекар кога не можат да се справат со симптомите, а најчесто станува збор за невакцинирани лица. Засега нема потешки случаи кои се препраќаат во Скопје.
„Претежно доаѓаат на време, бидејќи вирусот зема замав и не можат да се справат со температурата, со малаксаноста, болките во телото. Најпрво се јавуваат на матичен лекар, а потоа бараат помош во секундарното здравство“, вели Трифунов.
Во изминатите седум дена и во Инфективната амбуланта имало над 200 прегледи од кои 60 со симптоми на сезонски грип и други вирусни заболувања слични на грипот. Но, голем дел од пациентите кои се јавиле на преглед биле заразени со варичела, а во Битола забележен е пораст на ова заразно заболување.
Емилија Мисирлиевски
