Собраниската анкетна комисија утврди над 40 инстанци на флагрантни кршења на законите во случајот со Онкологија, а нејзините заклучоци и тоа како можеа да помогнат во истрагата на обвинителството, тврди пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и член на комисијата Тони Јаревски.
Иницијална каписла за целиот скандал беа можеби во јавноста неколку написи или случувања, но исто така огромна тежина на самиот скандал носеше и извештајот на Државниот завод за ревизија, каде што наводите беа фрапантни. Истите тие, понатаму со самата работа на комисија, разгледувајќи ги законските аспекти, разгледувајќи ја хиерархиската поставеност и вертикална и хоризонтална, се виде дека ние во оваа држава имаме ситуација каде што системот буквално не ни функционирал. Внимавајте, во извештајот на ДЗР имаше и само одредба дека е прекршен законот каде што се гарантира правото на живот на самите пациенти. Тоа беше едниот екстрем, до другиот екстрем каде што имаше јасни показатели за сериозен криминал и за една организирана мрежа во која што дефинитивно не можат да постојат такви услови за работа или за неработа, рече јаревски.
Според него неприфатливо е што почнувајќи од извештајот на ДЗР до денешните апсења, резултатот од целокупната работа на анкетната комисија да нема посочено политичка одговорност. Јаревски инсистира дека во текот на работата на комисијата станало јасно дека за таквата ситуација на Клиниката за онкологија биле запознати и поранешниот министер Филипче и владата, но не презеле ништо.
Сите показатели водеа, вклучително и на сведочењата на неколку поранешни министри за здравство, претставници на ова мнозинство, каде што беше јасно укажано дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче бил јасно запознаен со оваа ситуација. Имаше јасно сведочење од еден од истите нивни колеги, каде што јасно кажа едно тешко противзаконско дејствие како што беше набавката криминална со авансите, издавањето лекови на реверс, за огромни милионски суми станува збор, за проневери, и дека биле запознаени и тогашниот министер Филипче, и била и Владата. И не било преземено ништо. Кога дојдовме до моментот на самата презентација на сите елементи, каде што укажавме на еден редослед, еден след на настани на причинско-последични чекори кои што биле за жал направени, коишто воделе до ваква состојба да нема ниту контрола, ниту казнивост, ниту одговорност за целиот настан, каде што посочивме точно на конкретните точки, во самите заклучоци, колегите од СДСМ едноставно решија тоа да го игнорираат. Мене ми е за тоа многу жал, рече јаревски.
Јаревски инсистира дека работата на комисијата донела доволно материјали кои и тоа како можеле да му помогнат на обвинителството во истрагата. Но, пратеничката од СДСМ, Снежана Калеска Ванчева не се согласува со тоа и смета дека комисијата не смее да излезе од своите ингеренции.
Целата јавност можеше да слушне како течеше расправата во анкетната комисија, кој сѐ беше повикан, кој сѐ даде исказ и какви прашања беа поставувани. Ниту една анкетна комисија не смее да си дозволи излегување надвор од своите ингеренции коишто ги има, не смеат партиски ставови, на основ на политичка одговорност да се зборува за кривична одговорност, и мора да се знае кој до каде и што, објективно, субјективно, до каде е одговорноста поради лично невнимание, негрижа или свесност, а до каде е заради одредени други можеби системски пропусти кои беа лоцирани, рече Калеска Ванчева.













