Mакедонија нема ниту една регионална депонија. Тие години наназад се само празно ветување. Од Министерството за животна средина тврдат дека во моментот работат на воспоставување системи за управување со отпад во седум региони, но се правдаат дека обемна документација го одложува процесот. Велат, во најнапредна фаза е процесот за исток и североисток, каде веќе е доделена опрема во регионите и се расчистуваат и затвараат старите комунални депонии.
За изградба на останатите регионални депонии се подготвуваат јавни набавки за опрема.
Претседателот на Стопанска комора предлага формирање на иницијативен одбор за регистрирање на регионален хаб за циркуларна и зелена економија. Велат, дека со тоа бизнисот ќе му помогне на општеството во справување со отпадот.
„Ние како бизнис овде во Стопанската комора сакаме да укажеме дека преку циркуларната економија може да се стигне до што помалку отпад и истиот да се реискористи повторно за суровини“, истакнаа од Стопанса комора.
На денешната конференција на тема Циркуларна економија беше истакнато дека тоа е нова наука за која допрва треба да се учи, а граѓаните треба повеќе да внимаваат при селекција на отпадот. Ова е сега вистинска реткост, малку се оние кои селектираат отпад. Но, и да се воспостави ваква граѓанска навика, луѓето нема каде да го фрлаат отпадот. Малку се локациите на кои има поставено контејнери за стакло, хартија или пластика. Ова дополнително го зголемува отпортот кај луѓето да селектираат и рециклираат отпад.
Тамара Марковска













