Ние не се предомисливме и од самиот старт рековме дека Талат Џафери не ја заслужува нашата поддршка и затоа ќе се воздржиме од гласање, изјави Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ, во вечерашната дебата во „Топ тема“, со што го потврди ставот на лидерот на партијата Христијан Мицкоски пред два дена во интервју на ТВ Телма.
„Ќе ги доставиме предлозите за министри во техничката влада, бидејќи на тоа нè обврзува законот за влада и членот 3 кој е доста дециден и јасен. Да, во неа ќе ги има нашите предлози за технички министри за кои рековме дека ние нема да ги гласаме и покрај тоа што тие и тоа како ќе имаат инпут за организирање на фер и демократски избори кои што, всушност, претставуваат цел на една техничка влада“, изјави Панова.
Македонија во недела треба да добие техничка влада, согласно Пржинскиот договор, на чие чело ќе биде Талат Џафери, досегашен претседател на собранието.













