Шест осудителни пресуди и вкупно 39 години затворска казна за шестмината обвинети на рочиштето за сообраќајката кај село Ласкарци. По неколку години, случајот доби свој епилог.
Најмала казна затвор доби сопственикот и управител на „Дурмо турс“, а највисока казна – возачот на автобусот.
Газдата Дурмиш Белули е осуден на четири години, а одговорниот за превозот во „Дурмо турс“, Ремзи Мифтари, доби шест години. Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Бобаровски од станицата за технички преглед се казнети со по пет години затворска казна. Шестообвинетиот и возач на автобусот, Маноил Трифуновски доби 14 години.
Судот ги оцени како виновни затоа што не се придржувале кон прописите за безбедност во јавен сообраќај, иако биле свесни дека може да настане штетна последица и со тоа предизвикале опасност за животот на луѓето кои се превезувале со автобусот.
Поради утврдените технички неисправности на автобусот, за кои биле свесни и знаеле дека може да го загрозат животот на патниците, тие сепак се превезувале со него. Наместо да спречат понатамошно учество на автобусот во јавниот сообраќај и веднаш да го известат Министерството за внатрешни работи, тие го завериле Записникот со свој печат и му овозможиле на превозникот „Дурмо Турс“ да користи во сообраќајот технички неисправен автобус. Согласно член 38-б, на сите обвинети им се изрекуваат и споредни казни – забрана за вршење на професија, дејност или должност, во времетраење од по пет години, рече судијката Дијана Груевска – Илиевска.
Обвинителот е задоволен што има осудителна пресуда, но не ја коментира висината на казните и најавува дека казната ќе се преиспита.
Сметам дека Судот испрати исклучително важна порака со донесената пресуда. Секако дека ние очекувавме осудителна пресуда за сите обвинети. Нашите очекувања беа дека казните нема да се движат поблиску до законскиот минимум на казнување за ова кривично дело, а тие се во распон од четири до дваесет години казна затвор, рече обвинителот Дарко Јакимовски.
За разлика од него, роднините на загинатите во сообраќајката не го кријат разочарувањето. Велат – „казните се премали, очекувавме максимални“.
Мислам дека ова се најминимални казни, требаше да бидат максимални казни за сите коишто беа инволвирани во оваа сообраќајка. Ова што се случи е трагедија за Гостивар. Во историјата на постоењето на градот Гостивар немало ваква трагедија. И како да бидеме задоволни со вакви казни?! А, посебно за првообвинетиот, второобвинетиот, третообвинетиот, четвртообвинетиот и петтобвинетиот. Сметам дека казните се минимални, изјави Благојче Трпевски, татко на починатиот Јовица Трпевски.
Процесот започна во 2019 година. Оттогаш па наваму беа изведени повеќе вербални и материјални докази, а беше направено вештачење и супервештачење.
На 13 февруари се навршуваат точно пет години од трагедијата кај Ласкарци. 16 луѓе го загубија животот, а 38 патници завршија со тешки телесни повреди.
Петар Догов