Договорите на дело причина повеќе медицинските сестри да ја напуштат професијата. Претседателката на здружението „За нас“ апелира хонорарците да не бидат извисени. Очекува предност при вработување да добијат оние сестри кои со години работат без здравствено осигурување и со ниски плати.
Доколку местата се пополнат по партиска линија, а не по професионална, тогаш медицинскиот кадар во потрага по подобри и подостоинствени услови ќе си замине од државата, вели Гордана Бешлиовска, претседателка на „За нас“, здружение на медицински сестри, техничари и акушерки.
Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека правните служби од министерството веќе работат на огласите. Освен ниските приходи, во болниците има различни правилници.
Медицинските сестри со средно образование имаат многу ниски примања, додека сестрите со високо образование не добиваат дежурства за да не бидат платени повеќе, а нивните дежурства паѓаат на грбот на оние со средно образование.
Повеќе од 2.000 вработени во здравствените установи се со договор на дело, иако протестираа и бараа вработување досега не го добија.
Тамара Марковска













