Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија Слободан Трендафилов денеска соопшти дека според информациите со кои располагаат, Врховниот суд донел пресуда со која се одзема објектот на ССМ.
Нападот на ССМ е напад врз секој еден работник во државата. Обезглавувањето на ССМ, или стапнувањето со чизма на вратот на лидерот на борбата на работниците нема да дозволиме да биде стапнување на функционерска чизма во работничкиот дом. Нема да дозволиме работничкиот дом кој опстојува повеќе од 70 години да стане функционерски или судски дом, ќе се бориме против сите тие коишто сакаат да земат од устата на работниците, порача претседателот на ССМ.
На вонредна прес-конференција, Трендафилов рече дека ќе сторат сѐ да не се одземе објектот на ССМ и дека ќе побараат оставка од претседателот на Врховниот суд, а од Советот на судии, кој броел пет члена, доколку донел ваква одлука, ќе биде повикан на одговорност.
Тоа што ние го правиме нема да запреме да го правиме. Не можете вие да дисциплинирате синдикати, можете само да ги разгневите, а гневот на синдикатите го плаќате и функционерите и судиите. Денеска ние одлучивме да побараме оставка и од претседателот на Врховниот суд, меѓутоа, и доколку се испостави за вистинито, и од советот кој одлучувал за ваквото правно прашање. Да поништите закони, да поништите Устави, да поништите одлуки на инсититуции заради тоа што вие не сте сигурни во вашето, да верувате дека не сме имале пари да ја изградиме оваа зграда и овој работнички дом, имам да им упатам порака: На вакво корумпирано судство, со 2 проценти доверба од граѓаните, на вакво судство кое ги чини граѓаните нивните имоти, нивната сопственост и овие судски лавиринти кадешто ги губат и здравјето и животите граѓаните и работниците, да кажат колку чини нивната корупција, да ги платиме, рече Трендафилов.













